• вторник, 24 декември 2024

Стопанските комори задоволни од четвртиот пакет мерки за поддршка на компаниите и граѓаните

Стопанските комори задоволни од четвртиот пакет мерки за поддршка на компаниите и граѓаните
Скопје, 25 септември 2020 (МИА) - Четвртиот пакет мерки за поддршка на компаниите и граѓаните опфаќа поддршка за исплата на плати за последниот квартал од годината, платежни картички за неколку категории граѓани, грантови за најпогодените сектори, широк спектар за ослободување или олеснување за повеќе давачки за компаниите, намалување на ДДВ во повеќе услужни и други дејности, како и други мерки.
Како што соопшти владината прес-служба, главните контури на Пакетот 4 за поддршка на компаниите и граѓаните за ублажување на последиците од пандемијата со КОВИД-19, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерите за финансии Фатмир Бесими и за економија Крешник Бектеши вечерва ги презентираа на претставниците на стопанските комори во земјата.
Премиерот Заев, се посочува во соопштението, истакна дека вкупната вредност на четвртиот пакет изнесува околу 350 милиони евра од кои 264 милиони се од Буџетот на државата и околу 85 милиони како исклучително поволни дополнителни кредитни линии. На презентацијата на мерките беше нагласено дека четвртиот пакет е континуитет на претходните и дека Владата ќе ја следи ситуацијата и ќе се прилагодува на развојот на последиците од кризата за да постигне максимална ефикасност во поддршката на компаниите и граѓаните од најпогодените категории.
-Претставниците на стопанските комори во земјата на средбата изразија задоволство што и овој пат беа вклучени во креирањето на мерките и што голем број од нивните сугестии и предлози се опфатени во овој четврт пакет за поддршка на компаниите и граѓаните за ублажување на последиците од пандемијата со КОВИД-19, стои во соопштението.
Четвртиот пакет мерки треба да биде усвоен од Владата на седницата во недела, на 27 септември. вг/дма/

Остани поврзан