• вторник, 24 декември 2024

Стопанската комора поднесе Иницијатива за уставноста на Законот за данок за солидарност

Стопанската комора поднесе Иницијатива за уставноста на Законот за данок за солидарност

Скопје, 13 октомври 2023 (МИА) - Стопанската комора на Северна Македонија вчера ја поднела Иницијативата што ја најави за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за данок за солидарност пред Уставниот суд на РС Македонија, со предлог за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорениот Закон, до донесување на конечната одлука. Иницијативата, како што соопшти денеска, е за да ги заштити интересите на своите членки, но и да укаже на основните процедури и принципи на работа што мора да се почитуваат

Според Комората, во оваа Иницијатива е обединета целата бизнис заедница, што посочуваат дека е редок позитивен пример. Со неа, преку аргументиран пристап, бизнисот бара да се обезбеди гаранција на правната сигурност, како составен дел на принципот на владеење на правото што е неопходен во процесот на работењето на компаниите.

-Сакаме уште еднаш да потврдиме дека бизнисот е целосно усогласен во однос на забелешките кон Законот за данок за солидарност, кои се поддржани и од највисоките органи и тела на Комората, предводени од Клуб 100, а поддржани и од Управниот одбор, Надзорниот одбор, од Собранието на Комората, Советот на странски инвеститори и од другите бизнис-организации, соопшти Комората.

На компаниите и сите бизнис организации дека на веб-страницата Стопанска комора на Северна Македонија во текот на денешниот ден ќе биде овозможено да пристапат и повторно да ја искажат поддршката во процесот пред Уставниот суд на РС Македонија, за поднесената Иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за данок на солидарност.

Собранието на 19. минатиот месец го изгласа Законот за данок на солидарност, со кој се воведе еднократен т.н данок на екстра профит, а ќе го плаќаат компаниите кои во 2022-ра оствариле приход поголем од 615 милиони денари.

Според Министерството за финансии, целта на законот е на солидарен начин секој да придонесе за ублажување на последиците од енергетската и ценовната криза. лв/са/

 

 

Остани поврзан