• понеделник, 23 декември 2024

Столтенберг-Вучиќ: Нема промена на мандатот, КФОР останува во Косово

Столтенберг-Вучиќ: Нема промена на мандатот, КФОР останува во Косово
Белград, 17 мај 2021 (МИА) - Сите 30 членки на НАТО, вклучително и САД, се предани на мисијата на КФОР во Косово и нема промена на мандатот за КФОР, изјави денеска во Брисел генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, со што ги демантираше гласините дека некои сили бараат повлекувањето на мисијата, јави допсиникот на МИА од Белград. Српскиот претседател Александар Вучиќ по разговорот со Столтенберг, на заедничката прес-конференција, посочи дека од генералниот секретар на НАТО добил уверувања во врска со безбедноста и заштитата на Западен Балкан. -А кога станува збор за некои гласини, додаде Вучиќ, Столтенберг беше многу јасен за потребата од зачувување на мирот и стабилноста во регионот, што е фокусирано на улогата на КФОР во зачувувањето на стабилноста. Секоја промена во мандатот на КФОР мора едногласно да биде одобрена од 30 членки на НАТО, подвлече Столтенберг. Вучиќ ги оцени како многу корисни и успешни разговорите со Столтенберг, и особено ја нагласи целосната решеност на Србија да го продолжи дијалогот со Приштина со цел да се постигне компромисно решение. -Дијалогот Белград-Приштина, посочи генералниот секретар на НАТО, е најдобрата рамка за изнаоѓање решение што ќе ги почитува правата на сите заедници и ќе гради траен мир, а НАТО ги повикува двете страни да го продолжат дијалогот. Според лидерот на Атлантската алијанса, биле разгледани многу безбедносни предизвици со кои се соочува Западен Балкан, и НАТО е посветен на зачувување на мирот и безбедноста во регионот, КФОР обезбедува безбедносни и безбедни услови за сите заедници на Косово врз основа на мандатот на Советот за безбедност на ООН. НАТО е решен да изгради силно партнерство со Србија и целосно ја почитува неутралноста на Србија а „Србија како суверена нација има право да одлучува за својот пат“, заклучи Столтенберг. об/ссм/

Остани поврзан