• понеделник, 23 декември 2024

Стејт департмент: Шефот на УНРВА треба да може да влезе во Појасот Газа

Стејт департмент: Шефот на УНРВА треба да може да влезе во Појасот Газа

Вашингтон, 19 март 2024 (МИА) – Шефот на Палестинската агенција за бегалци на ОН (УНРВА) Филип Лазарини и другиот персонал на ОН треба да можат да ги посетат областите на дејствување на агенцијата, вклучително и Газа, изјави заменик портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател.

Пател рече дека не може да коментира зошто на Лазарини не му било дозволено да влезе откако УНРВА и Египет соопштија дека Израел му забранил на шефот на агенцијата за бегалци да влезе во Појасот Газа.

- Нашиот став е дека тие треба да можат да ги посетат областите на дејствување на УНРВА, вклучително и Газа, рече Пател на редовниот брифинг со новинарите во Вашингтон.

- Ќе продолжиме да соработуваме со владата на Израел со цел брзо и ефикасно одобрување на сите барани визи за вработените во ОН и невладините организации, рече Пател и додаде дека слободното движење на меѓународните работници е клучен дел од хуманитарниот одговор во Газа, каде населението е на работ на глад откако Израел ја почна воената операција како одговор на смртоносните напади на милитантите на Хамас.

Вашингтон, кој е најголемиот донатор на УНРВА, го суспендираше финансирањето на агенцијата во јануари, откако Израел обвини 12 од 13.000 вработени во агенцијата во Газа за вмешаност во нападите на 7 октомври. САД сепак сметаат дека хуманитарната работа на УНРВА е неопходна. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан