• среда, 25 декември 2024

Стефоска: Наша цел е во најбрз можен рок да се заврши новиот објект за театарот и библиотеката во Тетово

Стефоска: Наша цел е во најбрз можен рок да се заврши новиот објект за театарот и библиотеката во Тетово

Тетово, 25 јануари 2021 (МИА) -  Доградба на новиот објект за библиотека и театар и состојбите во дејноста култура, за ова денеска разговараа министерката за култура Ирена Стефоска и градоначалничката Теута Арифи на работната средба во Општина Тетово. 

Министерката информира дека објектот ќе продолжи интензивно да се гради и во текот на оваа година, има средства од буџетот, како и реализиција на соодветните процедури.

-Нашата соработка од позиција на министер и градоначалничка продолжува понатаму во секоја сфера што ја тангира културата. Тетово е голем град, големи се потребите на граѓаните на Тетово, во секоја сфера во културата. Од тие причини продолжува во следна фаза, новиот објект на театарот и библиотеката. Веруваме дека заедно со другите институции, ќе биде реализиран делот од фазата за оваа година, а и понатаму. Наша цел е во најбрз можен рок да се заврши овој прекрасен објект, изјави министерката Стефоска.

Според министерката, важна е соработката и во полето на зачувување на културното наследство.

-Тетово изобилува со културно наследство од различна природа. Иако институците на централно ниво се надлежни, нужна ни е соработката со локалните власти бидејќи на почетокот и на крајот овие институции им служат на граѓаните и е од интерес да функционираат. Во таа смисла е потребна поддршка на локалната самоуправа, рече Стефоска.

Градоначалничката Арифи истакна дека се зборувало и за активностите од културата, имајќи предвид дека во пандемијата имало проблеми за реализација на настани.

-За нас како град е важна добрата соработка со Министерството за култура и од интерес да завршат побрзо работите на градењето на театар и библиотека, која е една голема потреба на градот, изјави Теута Арифи. ас/мд/

 

 

Остани поврзан