Стефановска Сековска - Али: Австралија ја поддржува македонската заедница и нејзините проекти за зачувување на својот јазик и идентитет
- Амбасадорката Билјана Стефановска-Сековска заедно со македонскиот почесен конзул во Западна Австралија Зоран Ќосески одржаа средба со министерот за образование и младина на Австралија Др Ан А

Скопје, 17 ноември 2022 (МИА) - Амбасадорката Билјана Стефановска-Сековска заедно со македонскиот почесен конзул во Западна Австралија Зоран Ќосески одржаа средба со министерот за образование и младина на Австралија Др Ан Али при што разговараа за продлабочување на соработката на полето на образованието како и размена на студенти и наставен кадар помеѓу Северна Македонија и Австралија.
На средбата, како што соопшти Ќосески, се разговарало и за културниот развој на македонската заедница во Австралија, за зачувување на јазичниот и културниот идентитет во рамките на мултикултурна Австралија, како и за интензивирање на севкупните политичи и економски односи помеѓу Северна Македонија и Австралија при што министерката Али и амбасадорката Стефановска-Сековска изразија обострано задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји.
Министерката Али, се посочува, истакна дека во рамките на својата мултикултурна политика, Владата на Австралија ќе продолжи и во иднина како и досега да ја почитува македонската заедница како и сите други етнички заедници кои живеат во Австралија и да дава поддршка на македонската заедница за нејзините проекти за развој и зачувување на македонскиот јазик и идентитет во Австралија. вг/са/