Стармер повика на одложување на пропалестинските протести поради нападот врз синагогата
- „Ги повикувам сите што размислуваат за протест да ја признаат и почитуваат болката на британските Евреи“, напиша премиерот Кир Стармер денес на X. „Ова е време на жалост. Ова не е време за поттикнување тензии и предизвикување дополнителни страдања. Ова е време за солидарност, за обединување“, додаде тој.
Лондон, 4 октомври 2025 (МИА) - Британската полиција денеска испраша шест лица осомничени за „подготовка и поттикнување терористички акти“ во врска со нападот врз синагогата во Манчестер во кој загинаа две лица, а тројца беа тешко повредени.
Завчера, 35-годишниот Џихад ал Шами, британски државјанин од сириско потекло, со автомобил се заби во луѓе пред синагогата на празникот Јом Кипур, по што со нож уби двајца мажи и тешко повреди неколку други. Полицијата нагласи дека неговото име не е запишано во евиденцијата на програмата „Превент“, владиниот систем за следење и спречување на радикализација, но неодамна беше обвинет за силување и беше условно ослободен.
И покрај повиците од владата и полицијата да не протестираат по нападот врз еврејската заедница, за денес се планирани пропалестински собири, вклучително и оние во Лондон.
„Ги повикувам сите што размислуваат за протест да ја признаат и почитуваат болката на британските Евреи“, напиша премиерот Кир Стармер денес на X. „Ова е време на жалост. Ова не е време за поттикнување тензии и предизвикување дополнителни страдања. Ова е време за солидарност, за обединување“, додаде тој.
На плоштадот Трафалгар во Лондон се одржа протест во поддршка на Палестинската акција, група означена како „терористичка“ во Велика Британија.
„"Defend Our Juries"“, активистичка група основана во 2020 година, која стои зад организацијата на митингот за Палестинската акција, одлучи да изрази „солидарност“ со еврејската заедница со одржување протестен митинг, пишуваат медиумите.
Здружението верува дека одложувањето на состанокот „би ризикувало да се идентификуваат дејствијата на Државата Израел со дејствијата на Евреите ширум светот, како што се обидува да направи израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху“, изјави портпаролот на активистите.
Нападот врз синагогата во Манчестер, кој владата на премиерот Стармер го нарече „акт на тероризам“, беше еден од најлошите напади врз еврејската заедница во Европа од нападот на Хамас во Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа.
Во Манчестер, на север од Англија, каде што се наоѓа една од најголемите еврејски заедници во Велика Британија, денеска се на сила зголемени полициски патроли. Полицијата особено го зголеми своето присуство во близина на местата за богослужба, училиштата и другите еврејски институции.сд/
фото:МИА архива