• сабота, 23 ноември 2024

Станицата за пречистување на отпадни води во Кочани доби дозвола да го продава компостот што го произведува

Станицата за пречистување на отпадни води во Кочани доби дозвола да го продава компостот што го произведува

Кочани, 4 април 2024 (МИА) – Компостот што го произведува станицата за пречистување на отпадните води на КЈП „Водовод“ од Кочани е внесен во Регистерот на производители на ѓубрива на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со што легално ќе почне да се продава како подобрувач на својствата на почвата.

На работилницата "Употреба на органско ѓубриво - компост во земјоделството“, што денеска се одржа во Кочани, беше истакнато дека пречистителната станица кај кочанското село Мојанци е прва во државата која целосно ја искористува отпадната тиња од филтрирањето на водата и добива корисен продукт за земјоделското производство.

-Нашата станица е една од најголемите и најмодерните во државата, со голем број процеси за третирање на отпадните води, а крајна фаза е добивањето на компостот. Покрај тињата, се користи и сламата од оризот што се собира од полињата, па наместо да се пали по завршувањето на жетвата, сега има нова употребна вредност. Со тоа го заокружуваме целиот процес за пречистување и со него имаме нула отпад. За да се дојде до овој производ постапката за испитување на компостот почна од 2020 година, а од микробиолошките и физичко-хемиските лабораториски анализи добивме позитивни резултати, истакна Радостина Стоилковска, раководителка на Станицата за пречистување на отпадните води.

Испитувањата на карактеристиките на компостот во изминатите четири години ги правеше лабораторијата за анализа на почви и ѓубрива на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.

-Во европски и светски рамки проблем претставува отпадот од пречистителните станици затоа што постојано се трупа огромна количина тиња, којашто има голема органска и енергетска вредност. Тресетот, односно компостот таму се користи за подобрување на својствата на почвата со лош механички состав, односно за зголемување на содржината на органска материја и намалување на лепливоста на самата почва. Кај нас, Министерството за животна средина има правилник со кој се регулира за кои земјоделски култури, во кој временски период и колкава количина треба да се користи од компостот добиен во пречистителните станици. Сето тоа зависи и од анализата на примероци од почвата, истакна Миле Маркоски, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.

Сламата од оризот што се користи во процесот на филтрација на фекалните води од градската канализација се меша со отпадна тиња и дневно се произведуваат по околу 26 кубни метри висококвалитетен компост. Како нуспроизвод од ферментацијата се добива и метан, што заедно со поставените фотоволтаични панели, служи за затоплување и за производство на електрична енергија за потребите за станицата за пречистиување. та/сст/

фото: МИА

 

Остани поврзан