• вторник, 24 декември 2024

ССМ бара построги казни за компаниите кои не исплатиле плати и покрај добиените субвенции од државата

ССМ бара построги казни за компаниите кои не исплатиле плати и покрај добиените субвенции од државата
Скопје, 3 јуни 2021 (МИА) - Сојузот на Синдикатите на Македонија бара, освен парични, да има и затворски казни до една година за оние работодавачи кои нема да им исплатат плати на работниците иако за тоа добиле субвенции од државата. Само така, велат од ССМ, ќе се стави крај на овој тип на прекршување на правата на работниците. -Ние во нашите барања до Државниот инспекторат за труд и до Државниот пазарен инспекторат инсистираме  да се примени Кривичниот законик и да има, не само парична казна, туку и казна затвор до една година за тие управители, менаџери и директори, за да се подигне свеста дека парите што ги дава државата се наменски, се за работникот, односно се даваат за субвенционирање на платата на работникот, рече претседателот на ССМ Дарко Димоски одговарајќи на новинарско прашање по средбата со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Тој упати апел до сите работници да се охрабрат и да ги пријавуваат и овие, но и сите други прекршувања на нивните права. -Ги охрабрувам работниците преку апликацијата е-советник да пријават за себе анонимно, за друго лице, да ја искористат оваа можност, а ние во име на ССМ ќе поведеме судски спор, бесплатно ќе ги застапуваме во судовите и ќе им дадеме бесплатна правна помош, рече Димовски. Тој додаде дека казните се мали само доколку пријавите не се напишани така како што треба. Се казнува 200, 300, 400 евра, нагласи, ако не се знае како да биде попoлнета пријавата. Глобите, нагласи Димовски, можат да бидат значително поголеми, а ние како ССМ имаме ресурси и капацитетити да застанеме зад секој работник кому му се прекршени правата. Министерката Шахпаска рече дека сега откако УЈП ги објави податоците на команиите кои не ги исплатиле платите иако добиле субвенции треба да настапат институциите и да ја овозможат правдата. -Сега се на потег институциите кои се надлежни и со мерки и активности треба да ја испорачаат правдата, но и да овозможат да се испочитува она за што ние како Влада отворено се заложивме и така ја креиравме финаниската поддршка на компаниите, рече Шахпаска. Таа нагласи дека инспекциските служби работат постојано на терен, дека е зголемен обемот на нивната работа. Државниот инспекторат за труд, нагласи, излегуваше на терен на вонредни надзори, секаде каде  имаше кршење на работничките права ги адресираше и постапуваше согласно неговите ингеренции. УЈП денеска соопшти дека до 31 мај 2021 година плата на своите вработени не им дале вкупно 181 работодавач кои добиле финансиска поддршка од државата за февруари и март. Од нив, 157 не исплатиле плата за еден месец, а 24 за двата месеца. Како што информира директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, не се исплатени 753 месечни плати, а одобрената, но неисплатена финансиска помош  е вкупно 12.071.908 денари или 2.738.715 денари за февруари и 9.333.193 денари за март. Таа потенцира дека на работодавачите кои не дале плати, а земале финансиска помош веќе им се доставени опомени, а по истекот на рокот за опомена почнува постапката за присилна наплата на долгот. Лукаревска рече и дека продожуваат контролите кај работодавачите кои го изиграле законот. сст/ац/    

Остани поврзан