• среда, 27 ноември 2024

Српско МНР оценува дека протерувањето на српски дипломат од Хрватска не претставува реципрочна мерка

Српско МНР оценува дека протерувањето на српски дипломат од Хрватска не претставува реципрочна мерка

Белград, 21 ноември 2023 (МИА) - Министерството за надворешни работи на Србија денеска соопшти дека не се точни тврдењата на шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман и МНР на Хрватска дека се работи за реципрочни мерки против српскиот конзул во српската амбасада во Загреб.

Српското МНР повика хрватското Министерство за надворешни работи и Европа да вложи дополнителни напори со цел да се санираат нарушените односи меѓу двете земји, наместо дополнително да ги поткопува добрососедските односи и мирот и стабилноста во регионот.

Во соопштението на српското МНР се нагласува дека српскиот конзул со своето дејствување во Хрватска во ниту еден момент не ги прекршил одредбите од Виенската конвенција, ниту пак бил испратен во Загреб да извршува политички, туку конзуларни задачи.

„Исто така, сакаме да истакнеме дека српскиот конзул ја презеде функцијата во средината на септември 2023 година и бараме хрватската страна да ни достави докази и да ѝ даде до знаење на јавноста како можел да ги прекрши одредбите од Виенската конвенција во рок од два месеци од стапувањето на функцијата“, се наведува во соопштението на српското МНР.

Претходно денеска, хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман на прес-конференција го коментираше протерувањето на хрватски дипломат од Србија и најави дека Хрватска реципрочно ќе протера српски дипломат.

- Очекувавме ескалација, но не и ваков радикален потег, тоа не е вообичаено, изјави Грлиќ Радман откако Белград го прогласи за непожелна личност првиот секретар на хрватската амбасада во Србија, Хрвој Шнајдер.

Тој рече дека Хрватска презела реципрочна мерка. - Одлучивме советникот на српската амбасада во Хрватска да биде прогласен за персона нон грата на Хрватска. Нотата е доставена до амбасадорот и во неа стои дека советникот мора да ја напушти територијата на Република Хрватска, појасни Грлиќ Радман..

Тој додаде дека ги отфрлаат основите по кои хрватскиот дипломат бил протеран од Србија. „На хрватскиот амбасадор не му беше дадена причина, беше речено дека не мора да се дава причина. Не ги знаеме причините за одлуката, што е уште позагрижувачко“, нагласи тој.

На новинарско прашање за написите на српските таблоиди кои пишуваат дека хрватскиот дипломат бил протеран под обвинение за шпионажа, тој одговори: „Не ги кажаа причините, тоа е релевантно за нас. А остатокот од шпекулациите, како кому му одговара. Не го очекувавме ова, очекувавме подадена рака од Србија. Србија постапи така, ние сега само возвративме, посочи хрватскиот министер. ссм/

фото: архива

Остани поврзан