• вторник, 24 декември 2024

Средношколци ќе решаваат предизвици за климатски промени

Средношколци ќе решаваат предизвици за климатски промени
Скопје, 21 март 2022 (МИА) - Се отвора првиот од петте циклуси за развој и поддршка на социјални иновации на средношколски тимови од среднитe училишта во државата од UPSHIFT програмата. - UPSHIFT е програма за социјални иновации која се базира на решавање на потребите на средните училишта и локалната заедница во делот на климатските промени и заштита на животната средина, соопштија од Здружението Лидери за едукација, активизам и развој. Секој циклус, појаснуваат оттаму, ќе опфати 10 училишни тима од кои пет ќе добијат менторска и финансиска поддршка од 120 илјади денари за реализирање на нивната социјална иновација. Во зависност од темата на циклусот, социјалните иновации треба да разработуваат решенија за една од следниве теми: вода, воздух, почва, оган(енергија) и дигитализација. Првиот циклус на програмата се фокусира на социјални решенија во сектор вода и ќе се спроведе во периодот од март до јули 2022. - Поддршката која ќе ја добијат тимовите учесници во програмата се состои од: 10 тима ќе добијат свој ментор кој ќе им помогне да ја развијат својата социјална иновација. За разработување на социјалното решение ќе се користи Design Thinking методологијата за време на тридневна работилница; тримесечна менторска поддршка за 5 победнички тима кои работат на решение со најголем потенцијал, како и финансиска поддршка од 120.000 денари за имплементација на решението; eднодневна обука за застапување на 5-те победнички тима, како и презентирање на своите решенија на настан за прибирање на дополнителни финансиски средства за реализација на социјалните решенија и поддршка во креирање на план за понатамошен развој и самоодржливост на социјлното решение, се вели во соопштението. Програмата е наменета за ученици од 14 до 19 години од средните училишта кои имаат идеја за решавање на предизвик/проблем во нивната заедница. За учество во програмата учениците треба да формираат свои тимови од пет ученици, и да го наведат предизвикот и решението во апликациската форма. Рокот за аплицирање е до 3 април 2022. UPSHIFT програмата ќе се спроведува во наредните 18 месеци и тоа: Циклус 1 – Тема вода (март-јули 2022); Циклус 2 – Тема воздух (август 2022-декември 2022); Циклус 3 – Тема почва (декември 2022-март 2023); Циклус 4 – Тема дигитализација (јануари-јуни 2023) и Циклус 5 – Тема оган (март-јули 2023). - Програмата UPSHIFT ја реализира Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) во рамки на проектот „Охрабрување на децата и младите во Северна Македонија да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“ спроведуван од УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска и Фондот за иновации и технолошки развој на Република Северна Македонија, наведуваат од Здружението. мс/са/

Остани поврзан