Средното економско училиште во Охрид опремено со сопствена фотонапонска централа
- Централата е со моќност од 22 киловати и ќе биде надополнување на новиот систем на греење на училиштето преку топлотни пумпи, што значително ќе ги намали трошоците на оваа образовна институција, а секако ќе придонесе и за заштита на животната средина.
Охрид, 24 јули 2023 (МИА) – Економското средно училиште „Свети Кирил и Методиј“ од Охрид доби сопствена фотонапонска централа.
Како што информираше градоначалникот Кирил Пецаков, централата е со моќност од 22 киловати и ќе биде надополнување на новиот систем на греење на училиштето преку топлотни пумпи, што значително ќе ги намали трошоците на установата, а секако ќе придонесе и за заштита на животната средина.
Пецаков истакна дека останува само да се завршат формалните процедури со ЕВН околу приклучување системот во дистрибутивната мрежа, по што ќе биде ставена во функција.
Фотонапонската централа, нејзиното проектирање и поставување е комплетна донација од страна на компанијата „ОКТА а.д. Скопје“. Пецаков во име на граѓаните на Охрид изрази јавна благодарност до компанијата за донацијата, посочувајќи ја како вистински пример за општествена одговорност. аб/дма/
Фото: Општина Охрид