• сабота, 23 ноември 2024

Средните црни дупки клуч за научните сознанија за супермасивите

Средните црни дупки клуч за научните сознанија за супермасивите

Берлин, 12 јyли 2024 (МИА) - Астрономите од Институтот „Макс Планк“ во Германија имаат нови сознанија за ѕвезденото јато Омега Кентаур, за коешто се тврди дека е дел од релативно помала галаксија што била проголтана од Млечниот Пат пред 8 - 10 милијарди години.

Омега Кентаур содржи околу 10 милиони ѕвезди, но откриено е и нешто неочекувано во средината на ова ѕвездено јато. Имено, необичното движење на седум ѕвезди во него укажува на убедлив доказ за присуството на црна дупка со средна големина во средиштето на јатото. Црната дупка во неа е најмалку 8.200 пати помасивна од нашето Сонце, според научниците. Таа, инаку, е поголема од обичните црни дупки создадени при имплозија на една ѕвезда, но помала од „бехемотите“ коишто се наоѓаат во јадрото на повеќето галаксии.

- Има долга дебата за тоа дали воопшто има црни дупки со средна маса, а особено во јатото Омега Кентаур. Ова наше откритие може да помогне да се реши таа дебата, вели астрономот Максимилијан Хеберле, главен автор на научниот труд објавен во списанието „Нејчр“ (Nature).

Оваа црна дупка се наоѓа на околу 17.700 светлосни години од Земјата (светлосна година е растојанието што светлината го минува за една година - 9,5 трилиони километри).

Црните дупки се екстремно густи вселенски тела со многу силна гравитација од којашто дури и светлината не може да избега, а тоа го отежнува научното набљудување со вселенскиот телескоп „Хабл“. Единствената позната поголема црна дупка во Млечниот Пат е Стрелец А - оддалечена околу 26.700 светлосни години од Земјата.

Истражувачите веруваат дека помалата галаксија што можеби била до 10 пати помала од Млечниот Пат, содржела средна црна дупка којашто веројатно би станала супермасивна ако се хранела со гас и други материи привлечени од нејзината гравитација. Но, галактичкото спојување што се случило кога Млечниот Пат бил на околу четвртина или третина од неговата сегашна старост, ја оставило таа црна дупка „замрзната во времето“ во однос на нејзиното зголемување.

- Во овој процес на спојување, галаксијата го изгубила целиот свој гас и затоа растот на нејзината средишна црна дупка запрел, оставајќи ја во состојба со средна маса, појасни Надин Нојмаер, астроном од „Макс Планк“ и со-автор на истражувањето.

Спојувањето ги отстранило повеќето од ѕвездите на помалата галаксија, оставајќи го само централниот дел - она што сега е ѕвезденото јато Омега Кентаур.

- Најверојатното објаснување за настанувањето на црна дупка со средна маса во средината на Омега Кентаур е судир и спојување на многу масивни ѕвезди при создавањето на ѕвезденото јато или кусо потоа. Овие ѕвезди се приближуваат една до друга, се судираат и така создаваат уште помасивни ѕвезди коишто бргу еволуираат во црни дупки. А, црна дупка со средна маса може да расте со спојување на неколку црни дупки, додаде Нојмаер.

Средните црни дупки би можеле да бидат клучот за разбирање на потеклото на супермасивните црни дупки. Истражувачката смета оти црните дупки со средна маса се веројатно многу почеста појава, особено во раната еволуција на универзумот и оти тие се претходница на супермасивните црни дупки.  си/

Фото: Википедија

Остани поврзан