• понеделник, 23 декември 2024

Средба Шолц-Ердоган во „тешки моменти“

Средба Шолц-Ердоган во „тешки моменти“

Берлин, 17 ноември 2023 (МИА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска од Берлин, каде што се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц, повика на хуманитарен прекин на огнот во Газа, јави ДПА.

Ердоган изрази поддршка за исламистичкото движење Хамас и жестоко го нападна израелското бомбардирање на Газа, додека Шолц го увери Израел во германската солидарност и го истакна правото на Израел да се брани по нападите на Хамас на 7 октомври.

Ако Германија и Турција можат заедно да помогнат да се постигне прекин на огнот, ќе има шанса да се спаси регионот од „огнениот прстен“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција со Шолц пред разговорите со германскиот лидер.

Ова е негова прва посета на Германија по речиси четири години.

Сите мора да работат на траен мир на Блискиот Исток, рече Ердоган.

Иако Ердоган го осуди убиството на стотици израелски цивили во терористичкиот напад на 7 октомври, тој подоцна го опиша Хамас, кој беше одговорен за нападот, како „ослободителна организација“.

Шолц претходно ги отфрли коментарите на Ердоган за Израел како „апсурдни“.

Сепак, Ердоган постојано ја изразуваше својата поддршка за решение со две држави, став што го дели и Германија.

Германскиот канцелар ја подвлече важноста од директен дијалог со турскиот претседател со оглед на нивните различни ставови за конфликтот на Блискиот Исток.

- Господине претседателе, не е тајна дека имаме многу различни ставови за конфликтот, рече Шолц на прес-конференцијата пред вечерата со Ердоган.

- Токму затоа нашите разговори се важни, особено во тешки моменти ни треба директен дијалог меѓу нас, ја пренесува ДПА изјавата на Шолц.

Германија ја нагласи својата непоколеблива поддршка за Израел и ја поддржа израелската воздушна и копнена офанзива во Газа.

- Правото на Израел да постои за нас е непобитно“, рече Шолц. „Кај нас нема место за антисемитизам, без разлика дали е политички мотивиран или религиозен, дали доаѓа од десницата или левицата, дали расте овде со векови или доаѓа во земјата однадвор.

Шолц, исто така, рече дека е против сите кои сакаат да им ги ускратат правата на муслиманите во Германија.

Тој истакна дека страдањето на палестинското цивилно население во Газа е депресивно и рече дека сака да разговара со Ердоган за „како можеме да спречиме понатамошна ескалација, бидејќи ја споделуваме загриженоста за ескалацијата на Блискиот Исток“.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер претходно во разговорите со Ердоган „нагласено“ ја подвлече германската позиција за блискоисточниот конфликт.

- Федералниот претседател ја подвлече класификацијата на нападот на Хамас врз Израел како терористички напад и Хамас како терористичка организација. Тој го истакна правото на Израел да постои и неговото право на самоодбрана, соопшти кабинетот на Штајнмаер.

Разговорите меѓу Ердоган и Шолц треба да опфатат повеќе теми, вклучително и приемот на Шведска во НАТО, за што моментално се расправа во турскиот парламент. Одобрувањето на Турција е неопходно за Шведска да биде прифатена како членка на НАТО.

- Се надеваме на позитивна одлука наскоро, изјави Шолц.

Германија и Турција имаат иста цел, а тоа е да се ограничи илегалната миграција, рече Шолц, кој договорот за бегалците меѓу ЕУ и Турција од 2016 година го нарече „добар договор“.

Ердоган се смета за важен партнер за Германија, која е дом на голема популација турски имигранти и нивните потомци.

- Граѓаните на Германија и Турција се поврзани на многу начини, рече Шолц на прес-конференцијата.

Германскиот канцелар го покани Ердоган во Берлин по неговиот реизбор за претседател во мај.

Турската влада, исто така, се надева дека ќе добие германско одобрување за купување авиони Еурофајтер за турските воздухопловни сили, иако не е јасно дали ова прашање ќе се постави директно за време на посетата на Ердоган.

Портпаролот на германската влада Штефен Хебестрајт денеска рече дека владата е запознаена со ова прашање, мислејќи на вообичаените процедури за купување оружје.

Германија и Турција се членки на НАТО.

Турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер вчера изјави дека земјата има намера да купи 40 борбени авиони и веќе добила одобрение од Велика Британија и Шпанија. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан