Средба Сиљановска-Давкова - Карис во Дубаи: Реафирмирани пријателските односи и поддршката на Естонија за македонските евроинтеграции
- Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамките на учеството на Светскиот самит на Владите во Дубаи оствари средба со претседателот на Република Естонија, Алар Карис, на која беа потврдени пријателските односи и естонската поддршка за македонските евроинтеграции, информираат од нејзиниот кабинет.
Скопје, 3 јануари 2026 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамките на учеството на Светскиот самит на Владите во Дубаи оствари средба со претседателот на Република Естонија, Алар Карис, на која беа потврдени пријателските односи и естонската поддршка за македонските евроинтеграции, информираат од нејзиниот кабинет.
Сиљановска-Давкова се заблагодари за активната улога на Естонија во групата „Пријатели на проширувањето“ и искажа интерес за јакнење на билатералната соработка со балтичката земја и склучување договори во областите од заемен интерес.
- Претседателката нагласи дека остануваме целосно посветени на членството во ЕУ и стопроцентно усогласени со заедничката безбедносна и надворешна политика на Унијата. Таа го реафирмира ставот дека евроинтеграцијата на Балканот e стратешка потреба за стабилноста и безбедноста на Европа - се вели во денешното соопштение од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова.

На средбата била поздравена соработката во областа на дигитализацијата, реализирана во партнерство со Центарот за меѓународен развој на Естонија, соработката со Балтичкиот колеџ за одбрана во Тарту, како и со Центарот за киберодбрана на НАТО во Талин.
Укажувајќи дека постојат неискористени потенцијали во економијата, Сиљановска-Давкова изрази очекување за развој на нови заеднички проекти и поголемо присуство на естонските инвеститори во земјата.
На средбата соговорниците разменија и мислења за актуелните глобални предизвици. сст/вг/
Фото: Претседател на РСМ