• сабота, 23 ноември 2024

Османи – Билстром: Северна Македонија и Шведска ќе се помагаат за членство во ЕУ и НАТО

Османи – Билстром: Северна Македонија и Шведска ќе се помагаат за членство во ЕУ и НАТО

Скопје, 15 март 2023 (МИА) - Шведска ќе ја поддржува интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, а Скопје членството на Стокхолм во НАТО, истакнале на денешната средба министрите за надворешни работи на двете земи Бујар Османи и Тобиас Билстром, соопти МНР.

Билстром ја реафирмирал поддршката на Шведска за нашата евроинтеграција, воедно потенцирајќи ја неопходноста од донесувањето на уставните промени, со цел непречен тек на преговарачкиот процес и трасирање на патот кон членство во ЕУ до 2030.

Османи се заблагодарил за континуираната посветеност на Шведска на процесот на пристапување на нашата земја во ЕУ, посебно во областа на развојната соработка, во рамки на која Северна Македонија е повторно меѓу приоритетните држави-партнери на шведската развојна помош во области кои се најкорисни за нашите реформи од пристапниот процес.

Шефот на македонската дипломатија и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи, потенцирал и дека Северна Македонија останува силен поддржувач на членството на Шведска во НАТО, што ќе придонесе за зајакнување на безбедноста на евро-атлантскиот простор.

- Забрзанaта интеграција на нашата држава во ЕУ и што поскорото членство на Шведска во НАТО ќе ги одврати злонамерните влијанија на трети фактори кои се обидуваат да ја поткопаат безбедноста и стабилноста на европскиот континент. Затоа денес, уште еднаш се заложивме дека заеднички ќе се помагаме за членство во ЕУ и НАТО, истакна Османи, кој денеска престојува во прва официјална посета на Кралството Шведска.

Во својство на претседавач со ОБСЕ, како што информираат од МНР, Османи го запознал соговорникот со актуелностите во однос на претседавањето со ОБСЕ низ призмата на утврдените приоритети, во кои Украина останува наш главен приоритет и клучно безбедносно прашање во рамки на ОБСЕ 2023.

На средбата станало збор и за регионалната динамика, за која двајцата министри оценија дека е од клучно значење за безбедноста и стабилноста на регионот, но и на Европа.

- Беше нотирано актуелното претседавање на нашата земја и со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), како и со САД-Јадранската повелба (А5), при што позитивно беше оценета улогата на Северна Македонија на активен чинител во генерирањето на стабилноста и мирот во поширок регионален контекст, се вели во соопштението на МНР.

Во рамки на посетата, министерот Османи оствари средба и со претседателот на шведскиот Парламент, Андреас Норлен, на која е дискутирана одличната парламентарна соработка меѓу двете земји и со генералната директорка на Шведската развојна агенција (SIDA), Карин Јемтин, осврнувајќи се на непосредните бенефити од шведската развојна соработка за нашата ЕУ перспектива.

Во делегацијата на министерот Османи е и претседателот на собраниката Комисијата за европски прашања Арбер Адеми. сх/са/

Фото: МНР

Остани поврзан