• недела, 29 декември 2024

Средба на Џафери со претседателката на Собранието на Црна Гора Ѓуровиќ

Средба на Џафери со претседателката на Собранието на Црна Гора Ѓуровиќ
Скопје, 1 јуни 2022 (МИА) - Во рамките на 9. Пленарната сесија на Парламентарното собрание на Процесот на соработката во Југоисточна Европа, што се одржува во Атина, Република Грција, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и членовите на Делегацијата, остварија билатерална средба со претседателката на Собранието на Црна Гора, Данијела Ѓуровиќ. Џафери изразил задоволство од реализирањето на оваа средба и упатил честитки на новоизбраната претседателка на црногорското Собрание, Ѓуровиќ, со надеж дека одличната соработка меѓу двата законодавни дома ќе продолжи и понатаму. Во знак на таа соработка, тој и упати и покана за официјална посета на Северна Македонија. Во продолжение, како што се наведува во соопштението, претседателот подвлече дека Европа и светот се соочени со исклучителни надворешно - политички и безбедносни предизвици од геополитички аспект и наједноставниот пат за демонстрирање на стратешкото лидерство на Европската Унија и нејзиниот кредибилитет е преку ефектуирање на одлуката за почетокот на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Тој нагласи дека забавувањето на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан ја ослабува довербата на регионот во ЕУ, што пак остава простор за појава на националистички и ретроградни процеси. Посочи дека Руската агресија врз Украина на најтрагичен начин покажа колку проширувањето на ЕУ е значајно за безбедноста, мирот, обединетоста и демократската трансформација и економски просперитет на целиот континент. -Затоа е неопходно целиот Западен Балкан да стане дел од Европската Унија, истакнал претседателот на Собранието. Тој информирал дека Република Северна Македонија најостро ја осудила воената инвазија на Русија врз Украина, особено бруталните убиства на цивили, а оти како членка на НАТО Алијансата и кредибилен кандидат за членство во ЕУ презела низа чекори и мерки како одговор на руските воени дејствија. Истовремено, тој информирал и за неговата посета на Украина во април годинава, што, како што нагласил, претставува лична и институционална поддршка на напорите на институциите на Украина да го вратат мирот и контролата врз целата своја територија. -Претседателката Ѓуровиќ се заблагодари за честитките по повод изборот и истакна дека Собранието на Црна Гора и Црна Гора постојано го поддржува евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија. Нагласи дека преговарачкиот процес е долг за Црна Гора, која за среќа нема отворени прашања со други држави, а затворањето на поглавјата зависи од државата. Таа се осврна на тоа дека историјата на Западен Балкан е турбулентна и дека неговата интеграција ќе придонесе за стабилизација не само на регионот туку и на Европа, односно дека не смее да се дозволи дестабилизација на Регионот од било кои причини. Во овој контекст, членството во НАТО на двете држави е дополнителна придобивка за безбедноста и стабилноста на членките. Претседателката Ѓуровиќ исто така подвлече дека Црна Гора е подготвена да ѝ помогне на нашата држава во евроинтеграциите и на експертски и на технички план и искажа надеж дека во јуни Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите, се вели во соопштението од собраиската прес-служба. Во однос на војната во Украина, таа нагласила дека никој не очекувал дека ќе сме сведоци на агресија во ова модерно време и дека Црна Гора силно се залага за изнаоѓање на дипломатско решение на војната и дека Европа и светот треба да се така поставени за да се справат со последиците од војната и да се соочат со предизвиците во сферата на енергетиката, храната, земјоделството и многу други засегнати области. Соговорниците се согласиле дека Северна Македонија и Црна Гора имаат одлични политички, културни и економски врски, а членството во НАТО и заедничката европска иднина на двете држави дополнително го зајакнуваат сојузништвото и придонесуваат за унапредување на регионалната соработка и стабилноста, особено во делот на економската соработка каде постои огромен потенцијал за интензивирање и зголемување на трговската размена. сст/ац/  

Остани поврзан