• сабота, 23 ноември 2024

Средба на претставници на европските и арапските земји во Барселона за да разговараат за војната меѓу Израел и Хамас

Средба на претставници на европските и арапските земји во Барселона за да разговараат за војната меѓу Израел и Хамас

Барселона, 27 ноември 2023 (МИА) - Делегации од земјите-членки на Европската Унија и земјите од Блискиот Исток и Северна Африка денеска се среќаваат во Барселона, Шпанија, за да разговараат за кризата во Газа.

На настанот, организиран од Унијата за Медитеранот, присуствуваат 42 делегации, а многу земји се претставени од нивните министри за надворешни работи. Со состанокот претседаваат високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и министерот за надворешни работи на Јордан Ајман Сафади.

Израел не учествува на состанокот, кој во последните години во голема мера се претвори во форум за соработка меѓу ЕУ и арапскиот свет. Денешниот состанок требаше да се фокусира на улогата на Унијата за Медитеранот 15 години по нејзиното основање, но таа доби ново значење по нападот на милитантите на Хамас врз Израел на 7 октомври и последователната војна во Појасот Газа.

Сафади пред настанот рече дека се надева оти разговорите ќе помогнат да се „премости јазот“ меѓу арапските и европските земји во барањето хуманитарната пауза во Газа да стане траен прекин на огнот.

На настанот е поканет и министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, принцот Фајсал бин Фархан Ал Сауд.

Шпанија е една од земјите на ЕУ која го повика Израел да ја прекине офанзивата и во исто време го осуди нападот на Хамас. Шпанскиот премиер Педро Санчез минатата недела го посети Израел со својот белгиски колега и рече дека е дојдено време меѓународната заедница и ЕУ еднаш засекогаш да ја признаат независната палестинска држава. Ова го поттикна Израел да ги повика на консултации своите амбасадори во Шпанија и Белгија.

Унијата за Медитеранот е меѓувладина организација создадена од 27 членки на ЕУ и 16 земји од јужниот и источниот Медитеран, вклучувајќи ги Израел, Палестина, претставена од Палестинската управа и регистрирана во организацијата како Палестина, Египет, Либан и Јордан. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан