• понеделник, 23 декември 2024

Средба на претседателот Пендаровски со претставници на Сојузот на здруженија на дијабетичари

Средба на претседателот Пендаровски со претставници на Сојузот на здруженија на дијабетичари

Скопје, 13 ноември 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска, во пресрет на Светскиот ден за борба против дијабетесот – 14 ноември, прими претставници од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија (СЗДСМ).

На средбата, како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, стана збор за тековните активности на 25-те здруженија кои ги обединува Сојузот, а кои се насочени кон подобрување на квалитетот на животот на лицата со дијабетес. Претставниците на Сојузот потенцираа дека изминативе месеци се соочуваат со недостиг на ленти и на апарати за мерење на шеќерот во крвта, како и недостиг на анти – дијабетна терапија. Истовремено, посочија дека е неопходно во целост да се смени начинот на набавка на инсулин и да се напушти системот на тендерски постапки.

Претседателот Пендаровски изрази поддршка за нивното барање да се воведе референтна цена за набавка на глукомери и ленти за мерење на шеќер, како и да им се рефундираат трошоците за новата анти-дијабетна терапија.

Посочувајќи дека од година в година бројот на заболени од дијабетес во земјава континуирано расте, претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари истакнаа дека е неопходна и соодветна едукација и подигнување на јавната свест, бидејќи како последица на нерегулиран шеќер во крвта, зголемен е, рекоа, бројот и на мозочни удари. мч/aa/

фото: Кабинет на претседателот Ставо Пендаровски

Остани поврзан