• петок, 22 ноември 2024

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку, остварила средба со претседателот на Република Азербејџан, Илхам Алиев.

На средбата, како што соопштија денеска од кабинетот на Сиљановска Давкова, присуствувала и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Сиљановска Давкова и Алиев на средбата размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што било оценето дека тие се пријателски и во таа насока била изразена посветеност за интензивирање и продлабочување на односите во културата, туризмот, образованието и други области од заемен интерес.

Претседателката Сиљановска Давкова го истакнала интересот од македонска страна за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји, особено во областа на енергетиката, имајќи го предвид нашиот интерес за диверзификација на изворите на снабдување со енергија.

Соговорниците се согласиле дека треба да се продлабочат економските односи со конкретни билатерални договори, при што изразија задоволство од Меморандумот за разбирање меѓу македонски и азербејџански енергетски компании што се потпиша во Скопје со цел зајакнување на македонската енергетска стабилност.

На средбата претседателката Сиљановска Давкова ги претставила и инвестициските можности што ги нуди нашата држава. Од страна на претседателот Алијев била изразена подготвеност за можни инфраструктурни проекти поврзани со гасификацијата на нашата држава.

Сиљановска Давкова упатила честитки за одличната организација на самитот и благодарност за гостопримството. цр/ац/

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Остани поврзан