• среда, 25 декември 2024

Средба на претседателката на Врховниот суд, Адеми со претседателот на ЕСЧП, Спано

Средба на претседателката на Врховниот суд, Адеми со претседателот на  ЕСЧП, Спано

Скопје, 4 ноември 2021 (МИА) - Претседателот на Европскиот суд за човековите права Роберт Спано, денеска го посети Врховниот суд на Република Северна Македонија, при што оствари средба со претседателката на највисокиот суд во државата, Беса Адеми.

На средбата, како што е објавено на веб страната на Врховниот суд, била истакната улогата на Судот во Стразбур за заштита на човековите  права, како и посветеноста на Врховниот суд во обезбедувањето ефикасна судска заштита на човековите слободи и права.

Воедно, на средбата била нагласена важноста од соработката со Судот во Стразбур како највпечатлив пример на судски активизам во создавање на правни норми и примена на правото.

Во рамки на посетата, претседателката на Врховниот суд и претседателот на ЕСЧП имаа и свои обраќања пред врховните судии.

-Вашата посета на Република Северна Македонија ја започнувате со Врховниот суд на Република Северна Македонија, со што ја потврдувате посветеноста на Европскиот суд за дијалог со националните судови чија крајна определба во примената на правото е заштитата на човековите слободи и права, истакна претседателката на Врховниот суд.

Во своето обраќање Адеми додаде дека Врховниот суд на Република Северна Македонија изрази особена почит кон Европскиот суд за човекови права и високо ги цени активностите преземени досега во подобрување на системот за ефективна заштита на човековите права и во функционирање на судот, кој во Република Северна Македонија ужива исклучителна репутација и доверба.

Адеми нагласи дека Европската конвенција претставува постојана инспирација и непресушен извор на идеи и конкретни мерки за развој, остварување и заштита на човековите права и слободи.

-Конвенцијата претставува и еден од основните извори врз кои се темели принципот на владеење на правото и подобрување на капацитетите на институциите во насока на гаранција на правата и слободите на граѓаните. Но и наш приоритет е одржувањето ефикасен судски систем кој обезбедува заштита на основните човекови права и слободи, заштита на граѓаните од големи процесни одложувања на судските постапки, со цел враќање на довербата на граѓаните во македонското судство – кое се стремиме да биде модерно и европско, истакна Адеми.

Претседателот на Европскиот суд за човекови права, Роберт Спано, на почетокот од своето обраќање изрази задоволство од посетата на Врховниот суд, нагласувајќи дека претставува чест што непосредно во највисокиот суд во државата ќе има можност да биде информиран за функционирањето на македонскиот судски систем и за започнатите реформски процеси.

-Оваа средба е важна бидејќи покажува дека Судот во Стразбур и правосудниот систем во Република Северна Македонија се заедно во заштитата на човековите права и доследното почитување на Европската конвенција за човекови права. Тоа е така, бидејќи Конвенцијата, претставува споделена одговорност. Јас сум претседател на Европскиот суд за човекови права и претставник на овој суд, но вистинските судии што треба да ги одбранат вредностите на Конвенцијата сте токму вие, националните судии. Вие сте на првата линија во заштитата на правата и слободите на вашите граѓани. Начелата на конвенциското право и начелата на Европскиот суд за човекови права треба да се применуваат во сите судски инстанци, од сите судии, а особено од  врховните судии. Во тоа е и суштината и логиката на начелото на супсидијарност, но и на владеењето на правото, истакна судијата Спано.

Тој нагласи дека соработката на македонскиот правосуден систем и Европскиот суд за човекови права е реалност. Во таа насока, претседателот на ЕСЧП изрази поддршка на започнатите реформи во судството и во законодавството.

-Доаѓаме како поддржувачи на вашата напорна работа и веруваме во промените во вашиот судски систем. Клучно за промените е да се во насока на владеењето на правото. Оттука, секогаш треба да се има предвид дека владеењето на правото и демократијата се извојуваат секојдневно и затоа тие мора континуирано да бидат применувани, нагласи судијата Спано.

На денешниот настан говореа и судијата Цветанка Периќ, заменик на претседателот и претседател на Одделот за казниви дела, судијата Снежана Бајлозова, претседател на Одделот за судска практика и судијата Мирјана Лазарова Трајковска, претседател на Одделот за судење во разумен рок.

Судиите во своите говори нагласија дека од особена важност е што судиите во своите одлуки, покрај одредбите од домашната законска регулатива, ги применуваат и одредбите од Европската конвенција за човекови права, а се повикуваат и на практиката на Европскиот суд за човекови права.

Во таа смисла, на денешниот настан беше потенцирано дека присуството на претседателот на Европскиот суд за човекови права подразбира и поткрепа на ефикасноста и независноста на македонското судство. дма/сст/

Остани поврзан