• сабота, 31 август 2024

Средба на министерот Тошковски со претставничката на УНИЦЕФ, Милер

Средба на министерот Тошковски со претставничката на УНИЦЕФ, Милер

Скопје, 30 август 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со новоименуваната претставничка на УНИЦЕФ во државава, Лесли Милер при што се заблагодарил за тридецениското партнерство на УНИЦЕФ со нашата земја. Потенцирал дека промените на подобро во општеството можат да започнат токму со унапредување и заштита на правата на децата.

Акцент на средбата, покрај повеќето аспекти на соработка на МВР и УНИЦЕФ, беше ставен и на проектот за онлајн заштита на децата од насилство и сексуална експлоатација, чиј носител е Секторот за компјутерски криминал, соопшти МВР.

Проектот е насочен кон онлајн заштита на децата од насилство и сексуална експлоатација, вклучително и преку спречување на нелегална трговија со луѓе, во поддршка на националната стратегија за ставање на крај на насилството врз децата (2020-2025), новата стратегија за борба против сајбер криминалот, јакнење на едукативните кампањи и свесноста, развивање на механизами за превенција, јакнење на капацитетите, усогласување на законодавството итн.

Нагласена била и заложбата на МВР кон континуирана обука на полициските службеници во справување со случаи во кои жртви на насилство се децата.лв/

фото.МВР 

Остани поврзан