• среда, 27 ноември 2024

Средба на министерот Муртезани со албанскиот амбасадор Мејдани

Средба на министерот Муртезани со албанскиот амбасадор Мејдани

Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Албанија во Република Северна Македонија, Денион Мејдани, на која што беа разгледани прашања од заеднички интерес, вклучувајќи ја европската интеграција, билатералната соработка, Планот за раст на ЕК за Западен Балкан, како и значењето на ИПА проектите за двете земји, информираат од кабинетот на министерот.

Министерот Муртезани истакнал дека Северна Македонија и Албанија се исклучително блиски партнери и сојузници со заеднички стратешки цели, во контекст на патот кон членството во Европската Унија.

-Одлуката на ЕУ за одвојување на пристапниот процес на двете земји беше предмет на продлабочена дискусија, при што Муртезани подвлече дека и покрај раздвојувањето, двете држави остануваат цврсто посветени на соработката во реформските процеси и споделувањето на искуства, кои се од суштинско значење за исполнување на европските стандарди, се вели во соопштението од Министерството за европски прашања.

Соговорниците се согласиле дека евроинтеграциите не се само национален приоритет, туку и регионална потреба за стабилност и развој.

Во однос на ИПА проектите, Муртезани и Мејдани ги потврдиле заложбите за продлабочување на соработката преку заеднички проекти во рамките на Инструментот за претпристапна помош. Било истакнато дека проектите поддржани од ИПА се клучен механизам за зајакнување на институционалните капацитети, особено во области како што се владеењето на правото, економскиот развој и административните реформи.

Двете страни изразиле подготвеност за уште поблиска координација во насока на поефикасна имплементација на овие проекти, со цел поголема интеграција на Западен Балкан во европскиот економски и политички простор. сст/аа/

фото Министерство за европски прашања

Остани поврзан