• понеделник, 23 декември 2024

Средба на министерката Јаневска со претставници на Американскиот мировен корпус

Средба на министерката Јаневска со претставници на Американскиот мировен корпус

Скопје, 20 август 2024 (МИА) - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска имала средба со директорот на Американскиот мировен корпус во земјава, Дејвид Рисајд, на која било констатирано дека соработка меѓу МОН и Мировниот корпус е плодна и успешно продолжува.

Како што известува МОН, Јаневска истакнала дека волонтерите на организацијата се силна поддршка на професорите по англиски јазик, особено во рурални средини, кои преку заедничкото одржување  часови и со организирање воннаставни активности им помагаат на основците и средношколците во проширување на јазичните вештини. Посочила и дека е значајна поддршката на училиштата во инклузивните практики за учениците со посебни потреби.

-Заблагодарувајќи се на посветеноста на волонтерите, министерката Јаневска изрази увереност дека партнерството со Мировниот корпус ќе се движи по нагорна линија, а соработката може да се развие на повисоко ниво и да се прошири, во интерес на локалните заедници кон кои е насочена волонтерската помош, наведува МОН во соопштението. 

Мировниот корпус во земјава во моментов има 26 волонтери. Минатата година волонтерите, како што  посочува Министерството, подучиле 1493 ученици и соработувале со 29 професори по англиски јазик.

-Соработката на Македонија со Американскиот мировен корпус датира од 1996 година, кога беше воспоставен првиот Проект за унапредување на наставата по англиски јазик преку договор меѓу двете влади. Мировниот Корпус е американска невладина организација посветена на светскиот мир и дружење. Организацијата работи преку волонтери кои две години живеат и работат во локалните заедници. Основана е во 1961 година од страна на претседателот Џон Ф. Кенеди, соопшти Министерството за образование и наука. хс/са/

Фото: Министерство за образование и наука

Остани поврзан