• вторник, 24 декември 2024

Средба на Клубот за младински прашања и политики со млади лица со попреченост - потребни измени во Законот за знаковен јазик во насока тој да се изучува како мајчин

Средба на Клубот за младински прашања и политики со млади лица со попреченост - потребни измени во Законот за знаковен јазик во насока тој да се изучува како мајчин
Скопје, 20 април 2022 (МИА) -  Воведување на знаковниот јазик да се изучува како мајчин јазик, користење на бесплатните лекарства од позитивната листа на лекови и ослободување од партиципација и по 26-годишна возраст, да се подобри инфраструктурата, користење на ортопедски помагала и по 18-годишна возраст, обезбедување на толкувач кога одат да користат здравствени услуги..., се дел од предизвиците и потребите на младите лица со попреченост кои денеска ги истакнаа на средбата со пратениците од Клубот за младински прашања и политики. Дискусијата се одвиваше во насока да се слушнат секојдневни пречки со кои се соочуваат овие лица и како пратениците можат да им помогнат. На средбата присуствуваа претставници од Државниот училиштен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“, Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“-Скопје, Здружението „Инклузива“, Младинско здружение на глуви и наглуви „Млад знак“, Крик, Здружението на глуви и наглуви лица, МОФ и други здруженија. Моника Зајкова, пратеничка на Либерално демократска партија и дел од Клубот за младински прашања и политики за МИА изјави дека итно треба да се формира работна група во делот на измени на Законот за знаковен јазик за овој јазик да се стандардизира и да се изучува како мајчин јазик. Младите лица со попречености побараа во училиштата да се воведува предмет знаковниот јазик да се изучува како мајчин јазик. Истакнаа дека иако со закон се предвидува да им се обезбеди 30 часа право на толкувач, сепак законот не се спроведува до крај. Тие посочија дека со проблеми се соочуваат и во неформалното образование, имаат проблеми со толкувачи за комуникација во здравствениот сектор, затоа што не е обезбеден толкувач кога одат да користат здравствени услуги. На локално ниво, младите лица со попреченост посочија дека инфраструктурата е многу лоша, нема одбележани патеки за слепи лица, нема соодветни тротоари за лицата кои се со инвалидитет. На средбата се дискутираше и околу бесплатните лекарства што се на позитивната листа на лекови, ослободувањето од партиципација бидејќи законот им овозможува само до 26 години да бидат ослободени од партиципација и да ги користат овие лекарства на листата на лекови, а реално имаат потреба и понатаму во текот на животот да ги користат или за ортопедските помагала до 18 години можат да ги користат и после таа возраст не им следуваат бесплатно. Како што истакна пратеничката Зајкова, претставниците на здруженијата на лицата со попречености потенцирале дека се задоволни од делот на мерките за вработување и самовработување кои што ги нуди државата, но, како што посочи, се соочуваат со проблеми за пристапот до информации, затоа што истите не се објавуваат на Брајово писмо или на знаковен јазик и се соочуваат со потешкотии во процедурата. Од страна на пратениците им беше кажано дека ќе интервенираат во делот нја образование каде што имаат проблем со аудио материјали или материјали на Брајово писмо. - Ќе оствариме средба и со министерот за образование и наука за да им се обезбедат поинклузивни материјали и да им го направиме полесен патот до образованието, бидејќи секој има право на образование. Она што можеме да го направиме како пратеници е да поразговараме со локалната самоуправа за барем овие елементарни работи од инфраструктурата да можат да им  бидат обезбедени, рече пратеничката Зајкова. фф/ац/

Остани поврзан