• сабота, 27 јули 2024

Средба Мицкоски - Гренел: Економија, енергетика и владеење на право, теми за продлабочување на соработката

Средба Мицкоски - Гренел: Економија, енергетика и владеење на право, теми за продлабочување на соработката

Скопје, 8 јули 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски кој ја предводи владината делегација во посета на САД на Самитот на НАТО во Вашингон, денеска се сретнал со Ричард Гренел, поранешен директор на американската разузнавачка служба и добар познавач на состојбите на Балканот.

-Плодна и пријателска вечера со Ричард Гренел, американски дипломат, поранешен директор на американската разузнавачка служба и добар познавач на состојбите на Балканот. Економија, енергетика и владеење на право, теми за продлабочување на соработката, објави Мицкоски на неговиот официјален профил на Фејсбук.

Мицкоски, со владината делегација во чиј состав се и министрите за одбрана Владо Мисајловски, за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, како и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, претходно денеска имаше средба со претставници на Обединетата македонска дијаспора.

-Пред почетокот на самитот на НАТО, посветив внимание за позициите и прашањата на нашата дијаспора. Имав одлична средба со Мето Коловски и Обединетата македонска дијаспора со кои разговаравме за поддршка и лобирање за македонските интереси, објави на неговиот фејсбук профил премиерот Мицкоски.

Мицкоски пред да замине за САД најави дека со делагацијата што ја предводи ќе бидат дел од одбележувањето на 75 години од основањето на НАТО, при што ќе оствари голем број билатерални средби со државници на земји членки на Алијансата, но и средби со бизнис заедницата во Соединетите Држави каде ќе ги презентира потенцијалите кои ги нуди земјава. Мицкоски во видео пораката до јавноста, пред заминувањето за Вашингтон потенцира дека ќе најави уште една нова странска инвестиција на компанија која што е дел од листата на најголемите петстотини компании во САД, нови десетици милиони евра инвестиција и нови работни места за македонските граѓани. 

-Тоа е она кое што преставува основен приоритет на новата влада во Македонија, нагласи Мицкоски.

Тој напомена и дека последните денови во Њујорк ќе ги искористи за средба со македонската дијаспора, македонските иселеници.

-Би сакал од нив да слушнам што е она што тие го очекуваат од новата влада и нормално, што е она што новата влада ќе го понуди за да можат нашите исселеници да се вратат дома, во нивната татковина, таму да инвестираат и практично да ги избегнат сите оние пречки кои што беа изминатиот период со кои тие се соочуваа при своето доаѓање назад во својата татковина, рече Мицкоски.

Кина смета дека проширувањето на НАТО не придонесува за глобалната безбедност и стабилност, се наведува во соопштение објавено денеска на веб-страницата на кинеското претставништво во ЕУ.

Во Вашингтон утре официјално почнува тридневната средба на шефовите на држави или влади на земјите членки на НАТО со која ќе се одбележи 75-годишнината од формирањето на Алијансата во 1949 година. 

Според најавите, главни теми на средбата ќе бидат поддршката за Украина, плановите за одвраќање и одбрана на Пактот, зајакнувањето на одбранбена индустрија и инвестициите и зајакнување на глобалните партнерства, но со примарна цел за манифестирање на единство меѓу сојузниците. вг/ац/

Фото: Христијан Мицкоски фб

Остани поврзан