• вторник, 24 декември 2024

Средба Дачиќ-Лавров во Москва: Билатералните односи меѓу Србија и Русија на високо ниво

Средба Дачиќ-Лавров во Москва: Билатералните односи меѓу Србија и Русија на високо ниво

Белград, 21 март 2024 (МИА) - Српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска во Москва на почетокот на средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека односите меѓу двете земји и покрај бројните предизвици се на високо ниво, јави дописникот на МИА од Белград.

Првиот дел од средбата беше отворен за јавноста, а за време на едночасовната средба опфатен е широк спектар на прашања од руско-српската политичка и економска соработка, а е разговарано за ситуацијата на Косово, настаните на Балканот, но и актуелните меѓународни проблеми.

-Минатата година ја прославивме 185-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи. Тие се карактеризираат со традиционално пријателство, култура и се засноваат на меѓусебна доверба и стратешка соработка, рече Дачиќ и додаде дека посебна улога во развојот на соработката имаат и личните односи на двајцата претседатели Александар Вучиќ и Владимир Путин.

„Сигурен сум дека со нашите заеднички напори ќе ги зачуваме билатералните односи. Српскиот претседател Александар Вучиќ испрати официјално писмо и честитка до Путин по повод неговата победа на изборите“, рече Дачиќ.

Според него, економските односи со Русија се исклучително важни, особено во областа на енергетиката, а двете земји имаат договор кој на иницијатива на двајцата претседатели е со важност до 2025 година.

-Ние сме многу благодарни на Русија за поддршката што ни ја дава кога станува збор за нашиот територијален интегритет. Тоа е од големо значење за нас и сакам лично да ви се заблагодарам за вашето големо разбирање и поддршка во секоја ситуација кога ви се обраќаме. Ќе разговараме за ситуацијата во Западен Балкан, а таа политика во однос на двојните стандарди доведе до нарушување на нашиот територијален интегритет, рече тој.

Дачиќ изрази благодарност за барањето на Москва да се одржи седница на СБ на ОН за ситуацијата на Косово, по повод 25-годишнината од почетокот на НАТО агресијата врз Србија.

Министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров, истакна дека Москва високо ги цени односите со Белград.

-Многу сме задоволни од тоа како напредуваме кога станува збор за трговијата и инвестициите. Сметаме дека политизацијата на спортот е неприфатлива. Таа линија на Западот на чело со САД се рефлектира во сите меѓународни односи и таа е насочена на промените во економските меѓународни односи, пред се во ММФ, рече Лавров.

Лавров оцени дека соработката на полето на ОН е особено вредна кога станува збор за ставови кои политичкиот Запад не сака да ги слушне.

-Ние ја водиме потребната војна и ќе ја продолжиме врз основа на принципите на демократијата, а повеќето земји од меѓународната заедница го поддржуваат тоа. Очекуваме да имаме размена на мислења за билатералните односи, заинтересирани сме да ја слушнеме вашата оценка на ситуацијата на Балканот, рече Лавров.

Министерот за надворешни работи на Србија е во Москва на покана на неговиот руски колега, а двајцата шефови на дипломатиите ќе присуствуваат на пријателскиот фудбалски натпревар меѓу Русија и Србија во Москва.об/

фото:МНР на Србија

Остани поврзан