• вторник, 24 декември 2024

Средба Гаши – Норлен во Стокхолм: Унапредување на односите меѓу двете држави

Средба Гаши – Норлен во Стокхолм: Унапредување на односите меѓу двете држави

Скопје, 3 декември 2024 (МИА) - Со највисоки државни почести и гарда, денеска во Стокхолм беа пречекани претседателот на Собранието Африм Гаши и парламентарна делегација во состав Дафина Стојаноска, Беким Сали и Митко Трајчулески, од претседателот на Парламентот на Кралството Шведска Андреас Норлеан, на чија покана се остварува официјалната посета на 2 и 3 декември, известуваат од Собранието.

Претседателот Гаши и пратениците кратко биле запознаени со историјатот и работата на Риксдагот, а потоа оствариле средба со првиот човек на шведскиот Парламент Норлеан и со членовите на Комисиите за надворешна политика и европски прашања.

- Претседателот Гаши изрази благодарност до својот домаќин, како висок претставник на пријателска земја која дава континуирана поддршка за демократскиот и економскиот развој на Северна Македонија преку бројни развојни проекти, нагласувајќи ја особено поддршката за стратешката цел на државата – полноправното членство во Европската Унија, известуваат од Собранието.

Гаши го поздравил формирањето на група за соработка со Република Северна Македонија во Шведскиот парламент, како продолжение на соработката за демократски развој меѓу двата законодавни дома, која се одвиваше од 2020 до 2024 година и беше заеднички оценета како многу успешна. Тој изразил уверување дека двете групи за соработка ќе бидат добра основа за заеднички проактивно да се поттикнува парламентарната размена и да се изнаоѓаат нови форми на соработка на сите нивоа.

- Спикерот Норлен истакна дека одличните билатерални односи сега се дополнително зајакнати преку сојузништвото во НАТО и притоа изрази благодарност за брзото ратификување во Собранието на договорот за пристап на Шведска во Алијансата, соопштуваат од Парламентот.

Членовите на двете делегации размениле мислења и ставови за предизвиците на Република Северна Македонија во однос на членството во Европската Унија, како и за поширокото влијание што руската агресија врз Украина го има на европскиот континент.

- Соговорниците се согласија дека постои простор двете држави ги унапредат трговската размена и инвестициите, дека иселениците со потекло од Република Северна Македонија играат важна улога во унапредувањето на билатералните односи, како и дека ваквите посети се многу корисни за изворно запознавање на пригодите во двете земји, стои во соопштението од Собранието. ир/цр

 

Фото: Собрание

Остани поврзан