• петок, 08 ноември 2024

Средба Ахмети - Гарсија: Целосна поддршка од Шпанија за членството во ЕУ

Средба Ахмети - Гарсија: Целосна поддршка од Шпанија за членството во ЕУ
Тетово, 3 февруари 2022 (МИА) - Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети денеска оствари средба со шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија, при тоа изразувајќи подготвеност за блиска соработка и посакувајќи му успех во новиот ангажман. На средбата, како што соопшти прес-службата на ДУИ, нагласено е долгогодишното пријателство и билатералните односи меѓу двете земји, како и „отворената волја за натамошно продлабочување на соработката во интеграциите, но и на полето на економијата, трговијата итн“. Тема на дискусија во овој состанок биле и последните политички случувања во земјава, како и преговорите за спорот со Бугарија. - Во однос на Изборниот законик, Ахмети смета дека сегашниот модел со шест изборни единици е посоодветен, бидејќи за промена на изборниот законик и изборните единици потребен е поширок консензус и усогласеност со сите политички фактори во државата и дека како прашање треба да се постави на расправа во Собранието, се вели во соопштението. Тема на разговор меѓу двајцата соговорници бил и ветингот на политичарите, судиите и обвинителите. - Со овој дух на почитување на правосудниот систем и со оваа иницијатива што ја покрена, ДУИ се стреми кон дополнително проширување со единствена цел да се постигне кредибилноста на личностите во сите сфери на животот, бидејќи секој што сака да врши јавна функција мора да го помине процесот на ветингот, наведуваат од партијата. Ахмети и Гарсија заклучиле дека изборите не се решение во моментов, бидејќи, како што посочуваат во ДУИ, земјата оди напред и дека интеграцискиот процес не треба да биде блокиран и решавањето на сите спорови со соседните земји е позитивно за Република Северна Македонија во приклучувањето кон големото европско семејството. За време на разговорот, Ахмети го запознал шпанскиот амбасадор Гарсија за новата динамика на разговорите за решавање на спорот со Бугарија, посетите на Скопје и Софија, воспоставувањето дијалог и акциониот план на работните групи и добрата политичка волја за решавање на отворените и прифатени прашања од двете страни. Двајцата соговорници, заклучиле дека соработката меѓу Северна Македонија и Шпанија треба да продолжи во духот на разбирањето, а поддршката за земјата на патот кон евроинтеграциите не треба да запре, додека не биде постигната конечната цел. мс/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан