• петок, 27 декември 2024

„Сребрено реми“ за филмот „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски на престижниот фестивал во Хјустон, САД

„Сребрено реми“ за филмот „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски на престижниот фестивал во Хјустон, САД

Скопје, 7 мај 2024 (МИА) - Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на Интернационалниот филмски фестивал во Хјустон (WorldFest-Houston International Film Festival) во Соединетите Американски Држави.

Овој значаен фестивал, кој постои 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.

-Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се' е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И' честитам на целата екипа која придонесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика, изјави режисерот Гоце Цветановски.

Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм. вг/

Фото: Гоце Цветановски

 

Остани поврзан