Спречено криумчарење на злато, лекови, фотоапарати и опрема за боречки вештини
- Златни монети, лекови, фотоапарати, делови за мобилни телефони, автоделови и опрема за боречки вештини заплениле царинските службеници во текот на минатата недела, информира денеска Царинската управа.
Скопје, 24 декември 2024 (МИА) - Златни монети, лекови, фотоапарати, делови за мобилни телефони, автоделови и опрема за боречки вештини заплениле царинските службеници во текот на минатата недела, информира денеска Царинската управа.
Странски државјани кои патувале со автомобил управуван од државјанин на Србија се обиделе да криумчарат злато преку граничен премин „Табановце“. Во нивната намера биле спречени од царинските службеници кои извршиле контрола на автомобилот, при што во чантата на сопатничката, државјанин на Украина, откриле пет златни монети со проценета вредност од половина милион денари. По откривањето на монетите за нивен сопственик се пријавил трет патник, германски државјанин, кој исто така патувал со истиот автомобил.
Царинската управа соопшти дека на Меѓународниот аеродром Скопје е спречен шверц на 1.200 таблети „Plaquenil“ што се употребуваат за третман на лица со автоимуни болести. Таблетите се пронајдени во куфер на државјанка на Босна и Херцеговина, која патувала со лет од Истанбул.
Професионални фотоапарати и опрема за фотографирање е пронајдена при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, на влез во државата на граничниот премин „Табановце“.
- Мобилни телефони и 74 делови за мобилни телефони со вкупна вредност од 204 илјади денари се пронајдени во просторот за резервна гума на автомобил со косовски регистарски таблички управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин „Блаце“, се вели во соопштението.
Царинската управа информира дека Службата за мобилен скенер во надворешна преграда на влекач на товарно возило пронашла четири турбо компресори за патнички и товарни возила. Непријавените производи се откриени во возило со српски регистарски таблички, управувано од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин „Табановце“.
Во друг случај, пак, Службата за мобилен скенер при контрола на камион, во просторот за палети, откри 13 кимона за карате и 47 пара боксерски ракавици кои не биле пријавени. Делото е откриено на царински терминал на граничен премин „Табановце“, каде при скенирање на камионот со македонски регистарски таблички се утврдени неправилности по што е извршена контрола на возилото. мд/сст/
Фото: Царинска управа