Спортот во 2023: Продолжи доминацијата на Ѓоковиќ и Верстапен, Јокиќ му ја донесе првата титула на Денвер, Манчестер сити ја освои ЛШ
- Спортската 2023 година на меѓународната сцена почна и заврши со мундијалските турнири во ракомет во машка и женска конкуренција, а во меѓувреме календарот со големи натпреварувања го исполнија и светските првенства за фудбалерки и за кошаркари, како и Европскиот шампионат во одбојка, чиј домаќин беше и Скопје. Во индивидуалните спортови продолжи доминацијата на тенисерот Новак Ѓоковиќ и пилотот во Формула 1 Макс Верстапен. Никола Јокиќ му ја донесе првата титула на Денвер нагетс во НБА-лигата, додека Манчестер сити ја освои фудбалакста Лига на шампион.
Скопје, 31 декември 2023 (МИА) - Спортската 2023 година на меѓународната сцена почна и заврши со мундијалските турнири во ракомет во машка и женска конкуренција, а во меѓувреме календарот со големи натпреварувања го исполнија и светските првенства за фудбалерки и за кошаркари, како и Европскиот шампионат во одбојка, чиј домаќин беше и Скопје. Во индивидуалните спортови продолжи доминацијата на тенисерот Новак Ѓоковиќ и пилотот во Формула 1 Макс Верстапен. Никола Јокиќ му ја донесе првата титула на Денвер нагетс во НБА-лигата, додека Манчестер сити ја освои фудбалакста Лига на шампион.
На Светското машко ракометно првенство кое од 11 до 29 јануари се одржа во Полска и Шведска, репрезентацијата на Данска ја одбрани титулата со победа во финалето над Франција и со тоа трет пат во низа стана светски првак. Во дуелот за бронзениот медал, Шпанија го совлада домаќинот Шведска.
Крајот на јануари ја донесе завршницата на првиот сезонски грен – слем турнир Австралија Опен, на кој по 10. пат во кариерата триумфираше српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, совладувајќи го финалето Гркот Стефанос Циципас.
Стадионот „Стејт Фарм“ во Глендвејл, во сојузната држава Аризона, на 12 февруари беше домаќин на 57. издание на Супербоул – финалето во американската НФЛ рагби лига – во кое Канзас Сити во драматичен натпревар ја совлада Филаделфија со 38:35.
Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) на 16 март во Кигали го одржа својот 73. Конгрес на кој Џани Инфантино беше реизбран за уште еден четиригодишен мандат на чело на раководното тело на светскиот фудбал.
Крајот на мај беше во знакот на фајнлфорот во кошаркарската Евролига во Каунас. Реал Мадрид во драматично финале пред 11.066 гледачи го совлада Олимпијакос со 79:78, освојувајќи ја својата 11. европска титула. Во натпреварот за третото место, Монако беше поуспешен од Барселона со 78:66.
Ѓоковиќ во јуни го изгравира своето име во тениската историја триумфирајќи во финалето на Ролан Гарос во Париз над Норвежанецот Каспер Руд. За српскиот тенисер тоа беше рекордна 23. грен – слем титула во кариерата, а 36-годишниот Ѓоковиќ, воедно, стана и највозрасниот победник во историјата на турнирот во Париз.
Разврската за титулите во европските фудбалски клупски натпреварувања стартуваше од Будимпешта која на 31 мај беше домаќин на финалето во Лига Европа. Фудбалерите на Севиља беа поуспешни од Рома по подобро изведување пенали 4-1 (1-1) и по седми пат во клупската историја го освоија трофејот во второто по ранг европско клупско натпреварување.
Денвер со 94:89 го совлада Мајами во петтиот натпревар од финалната серија во НБА лигата и со тоа ја освои својата прва шампионска титула. Српскиот центар во редовите на Денвер, Никола Јокиќ, беше прогласен за најкорисен играч во финалната серија.
Ракометарките на норвешки Вајперс трет пат едноподруго ја освоија европската титула, совладувајќи го во јунското финале во Будимпешта домашниот тим ФТЦ со 28:24.
Во спектакуларното финале на машкиот фајналфор во Келн, ракометарите на германски Магдебург по две продолженија го надиграа полски Кјелце со 30:29 и по четврти пат ја освоија европската титула, прва по 2002 година.
Во финалето на фудбалската Лига на шампиони во Истанбул, пред 71.412 гледачи на стадионот „Кемал Ататурк“, фудбалерите на Манчестер сити го совладаа Милан со 1-0 со голот на Родри.
Завршницата, пак, во Конференциската лига во Прага донесе триумф на фудбалерите на Вест Хем, кои со 2:1 ја совладаа Фиорентина.
Израел и Словенија од 15 до 25 јуни беа домаќини на 38 Европско првенство за кошаркарки на кое прв пат во историјата титулата ја освои Белгија, совладувајќи ја во финалето Шпанија со 64-58. Во натпреварот за бронзениот медал, Франција со 82-68 беше поуспешна од Унгарија.
Елитниот тенис се врати на сцената во јули со грен – слем турнирот во Вимблдон на кој дваесетгодишниот Шпанец Карлос Алкараз го совлада во финалето Новак Ѓоковиќ со 1:6, 7:6, 6:1, 3:6, 6:4, во дуел кој АТП го прогласи за најдобар тениски натпревар во 2023 година.
Крајот на јули беше резервиран за Светското првенство за фудбалерки во Австралија и Нов Зеланд, а титулата прв пат во својата историја ја освои Шпанија, која во финалето ја совлада Англија со 1-0.
Атина на 16 август беше домаќин на фудбалскиот Суперкуп во кој Манчестер сити ја совлада Севиља на пенали со 5:4, откако резултатот во регуларниот дел беше израмнет 1:1.
Атлетскиот спорт во 2023 беше во знакот на Швеѓанецот Арманд Дуплантис, кој по трите неуспешни обиди да прескокне 6.23 метри во скок со стап при освојувањето на златниот медал на Светското првенство во август во Будимпешта, веќе следниот месец ја прескокна рекордната височина на завршниот митинг од Дијамантската лига во Јуџин.
Кошаркарскиот Мундобаскет втор пат во низа се одржа на азискиот континет, а на завршниот турнир кој го организираа Јапонија, Индонезија и Филипини, прв пат во кошаркарската историја титулата светски првак ја освои Германија. Во финалето во Манила ја совладаа Србија со 83:77. Во натпреварот за третото место, Канада по продолжение триумфираше над американските кошаркари со 127:118.
Италија, Бугарија, Македонија и Израел од 28 август до 16. септември беа домаќини на 33 Европско првенство за одбојкари, на кое Полска ја оправда фаворитската улога и со максимални 3-0 во сетови ја совлада Италија во финалето во Рим. Бронзениот медал го освоија одбојкарите на Словенија, совладувајќи ја Франција со 3:2.
На Европското првенство за одбојкарки, Турција во фантастично финале во Брисел дојде до својата прва континентална титула, совладувајќи ја Србија со 3:2, додека со бронзата се закити Холандија, која со 3:0 беше поуспешна од Италија.
Ѓоковиќ им се врати на грен – слем титулите со триумфот на Ју Ес Опен, надигрувајќи го во финалето Данил Медведев со 3:0 во сетови, а доминацијата ја потврди на завршниот Мастерс во ноември во Торино, триумфирајќи со победата над Каспер Руд во финалето со 2:0 во сетови.
Сезоната во Формула 1 повторно беше во целосна доминација на Холанѓанецот Макс Ферстапен, кој ја одбрани титулата победувајќи на 19. од вкупно 22. трки.
Завесата на големите меѓународни спортски натпреварувања во 2023 беше спуштена во данскиот град Хернинг каде Франција на 17 декември ја совлада Норвешка во финалето на 26. Светско првенство за ракометарки со 31:28. Данска го освои бронзениот медал, триумфирајќи над Шведска со 28:27.
Од македонските спортисти 2023 година ја одбележаа кикбоксерот Бобан Илиоски и бодибилдерката Мери Акиевска. Тие од страна на Агенцијата за млади и спорт беа прогласени за Спортист на годината за 2023-та.
Илиевски го освои златниот медал на Светското првенство во Португалија, додека Акеивска стигна до златното одличје на СП во Шпанија.
Од индивидуалните спортови во машка конкуренција за одбележување се и борнзениот медал на борачот Ахмад Магомедов на ЕП во Хрватска и сребрениот медал на таеквондистот Дејан Георгиевски на Европските олимписки игри во Полска.
Кај дамите, Даниела Алексовска освои злато на ЕП во Турција во бразилска џиу џицу, додека тенисерката Лина Ѓорческа ја предводеше македонската репрезентација до 1. место во третата Европска зона во Дејвис купот, како и младата таеквондистка Милјана Рељиќ со бронзата на ЕП за натпреварувачи до 21 година.
Во екипните спортови, македонските репрезентации не направија значителни резултатри со кои можат да се пофалат.
Фудбалската репрезентација не успеа да се пласира на ЕУРО 2024 завршувајќи ги квалификациите на 4.место во групата со Англија, Италија, Украина и Малта.
Кошаркарите не успеаја да обезбедат пласман во втората фаза од претквалификациите за Олимписките игри во Париз. На турнирот во Талин тие забележаа три порази во дуелите Израел, Чешка и домаќинот Естонија.
Ракометарите својот настап на Светско првенство во Полска и Шведска го завршија на 27.место со три победи и четири порази.
Македонска одбојкарска репрезентација го оствари најголемиот успех на континенталните собири, за првпат беше дел од нокаут-фазата, меѓу најдобрите 16 во Европа. Од 24 учесници „спартанците“ го освоија 16. место.
Емил Гашевски
Зоран Стерјовски