• среда, 27 ноември 2024

Според анализите, омикрон навистина е „поблаг сој“ и во комбинација со вакцинација може да значи крај на пандемијата

Според анализите, омикрон навистина е „поблаг сој“ и во комбинација со вакцинација може да значи крај на пандемијата
Брисел, 31 јануари 2022 (МИА) - Бројот на починати во Европа во однос на оној на заразените, навестува дека омикрон е навистина „поблаг сој“. И покрај зголемениот број новозаразени во светот со појавата на омикрон, варијанта на коронавирусот, неделните извештаи за смртни случаи се релативно „стабилни“ и не покажуваат значаен скок од октомври минатата година, пренесува Кликс. Иако според досегашните показатели, омикрон предизвикува помалку тешка форма на болеста од, на пример, делта сојот, тој сепак останува опасен вирус, особено за оние кои не се вакцинирани. Според податоците на Worldometer, бројот на смртни случаи во земјите кои бележат најголем  број новозаразени, стагнира или е во благ пад, додека бројот на хоспитализирани и понатаму е доста висок, но според податоците на Светската здравствена организација, не претставува закана по целокупниот здравствен систем. Причината за намалена смртност и општата поблага клиничка слика кај заразените со омикрон, не треба да се препише само на тоа дека станува збор за „поблаг“ сој, туку и на многу поголемиот број вакцинирани, отколку што имаше во периодот на делта сојот. Така, на пример во Германија, која е една од најтешко погодените земји во ЕУ со омикрон, бројот на заразени во јануари доживеа вртоглав раст и изнесуваше стотици илјади на дневна база, додека бројот на починати беше значително понизок, отколку во периодот март минатата година, кога во земјата имаше и до 10 пати помалку новозаразени. Уште подобра е ситуацијата во Велика Британија, која има висок степен на вакцинација. Бројот на новозаразени на дневна база надмина и 200 илјади, а бројот на починати во целиот тој период остана, во најлош случај, троцифрен. Во Франција, која има едни од најригорозните Ковид рестрикции во светот, ситуацијата е исто така ветувачка. Во оваа земја, бројот на дневно позитивни тестови на коронавирус, достигнуваше и вртоглави пола милион во текот на месец јануари. Истовремено, бројот на починати не надминуваше 500 дневно. Според состојбите во останатите европски држави, евидентно е дека односот на бројот на новозаразени и починати е речиси ист во скоро сите земји. Сето ова, заедно со тврдењата на водечки светски експерти, покажува дека сојот омикрон може да значи крај на пандемијата од коронавирусот, барем во форма во која нас ни беше позната изминатите две години. Истовремено, експертите предупредуваат дека ова не значи оти треба да се опуштиме. Епидемиолози тврдат дека вакцинацијата со било која вакцина, е единствена заштита од сериозни последици, кои со себе ги носи инфекцијата со коронавирус. бд/ссм/

Остани поврзан