• сабота, 23 ноември 2024

Според американското разузнавање, „хаванскиот синдром“ не бил предизвикан од странски противник

Според американското разузнавање, „хаванскиот синдром“ не бил предизвикан од странски противник

Вашингтон, 1 март 2023 (МИА) - Обемната американска разузнавачка истрага заклучи дека е „многу малку веројатно“ странски противник да стои зад случаите на „хаванскиот синдром“ за кои се жалеа американски дипломати и претставници на разузнавањето ширум светот, јави Си-ен-ен, повикувајќи се на декласифицирани информации.

Мистериозната болест, која првпат беше пријавена во 2016 година од американски официјални лица во кубанската престолнина, ги погоди дипломатите и американските службеници во странство, како и членовите на нивните семејства. Меѓу нивните симптоми беа мигрена, гадење, губење на меморијата и вртоглавица.

Според американското разузнавање, нема веродостојни докази дека американски противник поседува оружје или уред способен да предизвика симптоми кои се во согласност со синдромот. Како дел од шестгодишната истрага, американските разузнавачки агенции, исто така, ја разгледаа можноста дека вонземјаните се одговорни за „хаванскиот синдром“, но ја отфрлија таа можност, изјави за новинарите американски претставник.

Во јануари, официјален претставник на ЦИА рече дека агенцијата смета дека е малку веројатно Русија или некој друг „странски актер“ да ги предизвикал повеќето невообичаени здравствени инциденти. Официјалниот претставник, опишувајќи ги заклучоците од привремениот извештај за „хаванскиот синдром“, рече дека повеќето од вкупно 1.000 случаи „разумно може да се објаснат со здравствени проблеми или технички и еколошки фактори, вклучително и претходно недијагностицирани болести“. ссм/

Остани поврзан