• сабота, 09 ноември 2024

Научен труд за споменик од манастирот „Свети Наум“ објавен во списанието „Studia Mythologica Slavica“

Научен труд за споменик од манастирот „Свети Наум“ објавен во списанието „Studia Mythologica Slavica“

Скопје, 18 јули 2023 (МИА) - Научен труд посветен на уникатен споменик од манастирот „Свети Наум“ во Охрид на авторите Никос Чаусидис и Игор Ефтимовски од Филозофскиот факултет во Скопје е објавен во меѓународното списание „Studia Mythologica Slavica“ што го издава Научно-истражувачкиот центар на Словенечката академија на науките и уметностите. 

Споменикот е откриен случајно при реконструктивни градежни зафати на манастирските конаци. 

Уредничкиот одбор на списанието, составен од светски научници од соодветната област, одлучил дека споменикот е доволно важен, а трудот стручно напишан, што треба да се најде на насловната страница на списанието „Studia Mythologica Slavica“.

- Научниот труд го претставува и анализира овој споменик од различни перспективи, вклучувајќи ја неговата иконографија, функција и значење. Според неговите стилски особености, разгледани се повеќе можности за негова датација од предисторискиот, античкиот, раносредновековниот или нововековниот период. Меѓутоа, се чини дека неговата оригинална функција била религиски идол посветен на некое паганско божество, но евентуално инкорпориран и реинтерпретиран во христијанскиот контекст на манастирот, се наведува во соопштението.

Целосниот труд за споменикот од Свети Наум, со неговата детална анализа и аргументација на изнесените заклучоци е достапен за бесплатно читање и симнување од официјалниот веб-сајт на списанието Studia Mythologica Slavica, на следниот линк: https://ojs.zrc-sazu.si/sms/issue/view/946.

Списанието третира теми од религиско наследство на словенските и останатите европски народи, а на камениот споменик од Свети Наум е посветен првиот труд од новиот број на 79 страници. ен/бак/

Фото: Studia Mythologica Slavica

Остани поврзан