• сабота, 27 јули 2024

Спировски: На вистински пат сме да направиме нешто големо и Македонија повторно да игра на големо натпреварување

Спировски: На вистински пат сме да направиме нешто големо и Македонија повторно да игра на големо натпреварување
Скопје, 22 септември 2021 (МИА) – Македонскиот фудбалски репрезентативец, Стефан Спировски е уверен дека националниот тим предводен од селекторот Благоја Милевски има сили и квалитет да се избори за уште едно учество на големо натпреварување. - Иако резултатски можеби не ги оправдавме очекувањата на македонските навивачи, сметам дека сме на вистински правец повторно да направиме нешто големо и Македонија да игра на големо натпреварување. Но, секако треба да сфатиме дека тимот е тој што го победува и најтешкиот и најсилниот противник. Ако сите се ставиме во функција на тимот и дишеме како едно тогаш сме на правиот пат, изјави Спировски за веб-страницата на ФФМ. Тој е задоволен од соработката со новиот селектор за кого има само пофални зборови. - Прв пат сме заедно, но веднаш се забележува неговата принципиелност во работата, како тренер, но и како човек, а тоа го потврдуваат и моите колеги кои веќе работеле со него. Мислам дека како тим ќе соработуваме добро во иднина. Спировски истакнува дека подготовката за натпреварите е она што посебно ги прави задоволни фудбалерите во репрезентацијата, а се однесува на тактичката анализа за натпреварите, инструкциите кои ги добива секој фудбалер посебно и анализа на противникот до најситните детали. - Подготовката за натпреварите е различна. Ние знаеме дека секој тренер има свој методи на работа. Овој селектор и неговите соработници ни ги доловуваат и најситните детали. Се внимава и посветува внимание на секој сегмент од играта, од недостатоците и слабите страни на противникот, па сè до нашата поставеност. Секој од нас знае што треба да прави на кој било дел од теренот, додава Спировски. зс/

Остани поврзан