• понеделник, 23 декември 2024

Спасувачите трагаат по исчезнати по поплавите и свлечиштата во Јабланица

Спасувачите трагаат по исчезнати по поплавите и свлечиштата во Јабланица

Сараево, 5 октомври 2024 (МИА) – Спасувачи утринава ја започнаа потрагата по исчезнати во селото Доња Јабланица, во северниот дел на Херцеговина, кое е затрупано од огромните наноси од камења, песок и кал во катастрофалните поплави што вчера ја погодија Босна и Херцеговина.

Припадници на Цивилната заштита, пожарникари, планинарската спасувачка служба и други служби се обидуваат да стигнат до куќите за кои се стравува дека го кријат најголемиот број исчезнати во поплавите и свлечиштата што синоќа ги погодија општините Јабланица и Коњиќ и неколку други централни босански општините.

Градоначалникот на Јабланица, Дамир Шабановиќ, вели дека се распоредени голем број спасувачи и градежни машини.

-Вложуваме максимални напори да им помогнеме на сите, да спасиме луѓе и предмети, рече тој.

Според последните податоци, пронајдени се 16 тела на жртвите, додека медиумите јавуваат и за 17-то пронајдено тело на подрачјето на Јабланица во поплавите и одроните од карпи. Во Долна Јабланица официјално за исчезнати се пријавени 12 лица, додека медиумите јавуваат дека има повеќе десетици случаи.

Едно лице загина во Бутуровиќ Поле, во општина Коњиќ, а се трага по уште четири лица. Тројца удавени лица се пронајдени во Фојница, во централна Босна.

Сообраќајот на главниот автопат кон Мостар се уште е во прекин, бидејќи дел од патот пропадна во реката Неретва. Во оваа општина и соседниот Коњиќ има голем број населени места кои се уште се отсечени од светот.

Материјалната штета е огромна, а помош за Босна и Херцеговина најавија и Европската Унија и соседните Република Хрватска и Србија, како и бројни други земји.

За лицата од загрозените подрачја се организира сместување во Спортската сала во Јабланица и во Центарот за бегалци Салаковац кај Мостар. Обезбедени се 80 легла во Јабланица и 120 во бегалскиот центар.сд/

Остани поврзан