• среда, 25 декември 2024

Спасовски со видео обраќање на научно-стручна расправа, справување со опасност од неексплодирани убојни средства

Спасовски со видео обраќање на научно-стручна расправа, справување со опасност од неексплодирани убојни средства
Скојпе, 12 ноември 2021 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска имаше поздравно видео обраќање на отворањето на научно-стручната  расправа поврзана  со  имплементацијата  на двегодишниот проект од  НАТО Програмата - Наука за мир и безбедност, насловен  ВЕКТОР. Проектот е  имплементиран  од Факултетот за безбедност-Скопје, во соработка со Министерството за внатрешни работи и Дирекцијата за заштита и спасување, како и останатите институции  вклучени  во  системот на заштита и спасување, како Црвениот крст, Армијата на Република Северна Македонија, Центарот за управување со кризи, а е финансиран од НАТО во ко-организација на Факултетот за безбедност – Скопје  и повеќе факултети од различни земји. - Од особено значење се целите што треба да ги постигне  оваа работилница со кампања на тема „Опасноста од неексплодирани убојни средства преку примена на дигитални технологии во справувањето“, што се спроведува во рамки на проектот ВЕКТОР.  Првенствено, таа треба да придонесе за јакнење на свеста кај институциите и граѓаните за рано алармирање  кога е во прашање  безбедноста и превенирањето на кризни состојби, да поттикне развој на напредни технологии за детекција и идентификација на неексплодирани средства, да креира решенија за справување со импровизирани  експлозивни направи и, како неизоставен дел, да овозможи олеснување на взаемната институционална соработка, која е примарна за успешно справување со овој тип предизвици, рекол министерот Спасовски во обраќањето. Тој истакнал дека покрај придобивките од реализацијата на активностите од проектот ВЕКТОР, учеството на нашата држава во него има и додадена  вредност, земајќи ја предвид поддршката од НАТО, како дел од програмата „Наука за мир и безбедност“, особено имајќи ја предвид определбата на Република Северна Македонија, како членка на НАТО и фактор за стабилност во регионот, активно да партиципира во сите проекти кои се од значење за Североатланската алијанса. - Најмногу би сакал да ја потенцирам можноста што ја нуди проектот ВЕКТОР за унапредување на оперативните активности за постапување со опасните експлозивни убојни средства, преку интегрирање на техниката на 3Д фотограметрија, препознавање на карактеристични детали од фотографии и напредна технологија на виртуелна реалност, за што сум уверен дека во голема мерка ќе придонесат за зајакнување на операциите во случај на широк спектар на сериозни закани, потенцирал Спасовски. Крајниот резултат на проектот ВЕКТОР - алатката за виртуелно собирање докази, според Спасовски, ќе биде особено корисна за безбедна детекција, идентификација и онеспособување на неексплодирани убојни средства. Научно-стручната расправа, пак, смета, ќе придонесе за унапредување на постапките за работа и уште поголемо меѓуинституционално поврзување, со цел спроведување координирани, насочени и контролирани активности. цр/ац/

 

Остани поврзан