Спасовски: Случајот на Скопскиот аеродром е сериозен безбедносен инцидент и треба да се сноси политичка одговорност
- Случајот на Скопскиот аеродром со претседателката на Косово Вјоса Османи и обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши претставува сериозен безбедносен инцидент и треба да сносат политичка одговорност сите оние кои што сакаат да се стават над законот и над Уставот, посочи координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски.
Скопје, 9 август 2024 (МИА) - Случајот на Скопскиот аеродром со претседателката на Косово Вјоса Османи и обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши претставува сериозен безбедносен инцидент и треба да сносат политичка одговорност сите оние кои што сакаат да се стават над законот и над Уставот, посочи координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски.
Тој вечерва во гостувањето на телевизијата Сител на прашање дали ќе ја поддржи интерпелацијата на претседателот на Собранието, одговори дека ќе дадат поддршка на сите механизми коишто ќе значат носење на одговорност.
-Факт е дека имало и претходно состојба каде што претседателката на Косово реагирала зошто мора да помине безбедносна контрола. Меѓутоа, во тој момент никој не преземал никаква друга иницијатива освен на тоа дека се укажува дека мора да се поминат безбедносните процедури, и тоа е направено. Таа претседателка никогаш не била пропуштена без да има поминато низ безбедносна процедура до крај. И во тој период мене ми се јавувале функционери на ДУИ на телефон. Барале да добијат информација зошто тоа се случило, и секогаш сум давал информација таква каква што е. Никој не пратил нивно лично обезбедување да одат таму и да извади пиштол да го репетира, да нападне полициски службеник, несвесни дека на тој начин го загрозуваат објектот на заштита, вели Спасовски.
Тој додава дека претседателот на Собрание е задолжен за безбедноста внатре во Собранието, тој треба да се грижи како ќе работат полициските службеници и како ќе го чуваат куќниот ред таму. Според Спасовски, полициски службеник не смеел никако да исполни наредба која што била незаконска. И од тој аспект, потенцира, треба да се преземе и да се има кривична одговорност.
-Според моите информации, лицето кое е шеф на обезбедувањето на претседателот на Собранието е отидено на лице место на аеродромот, по наредба на претседателот на Собранието. Претседателот на Собрание не може да даде наредба на полициски службеници кои го обезбедуваат, туку тоа може да го прави непосредно претпоставениот, а тоа се началниците и одговорните во Одделот за заштита на определени лица и објекти. Тој полициски службеник веднаш да биде совладан, разоружан и да бил приведен, заради тоа што не може да презема такви дејствија коишто го загрозуваат самиот објект на обезбедување, додава Спасовски.
Според Спасовски, на аеродромот можело да дојде до сериозен вооружен инцидент меѓу колеги, а со тоа да биде загрозена и претседателката на Косово.
-Апсолутно сметам дека сите, па дури и претседател на која било држава мора да го почитува куќниот ред во државата во која влегува. Јас сум бил министер за внатрешни работи, сум бил претседател на влада, никогаш не сум поминал на скопскиот аеродром без да биде проверен мојот багаж или без јас да поминам на скенер, додава тој.
Спасовски потенцира дека мора да има политичка одговорност за претседателот на Собранието.
-Вие знаете дека СДСМ повика на одговорност мислејќи на политичка одговорност, затоа што знаеме дека кривична одговорност не може да има за претседателот на Собранието, меѓутоа треба да има кривична одговорност за полицискиот службеник итн. Меѓутоа не треба само полицискиот службеник кривично да одговара, треба да носат и политичка одговорност на оние коишто сакаат да се стават над законот и над Уставот, додава Спасовски.
На 1 август македонското МВР соопшти дека обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши им се заканувало на вработени во ТАВ кои побарале од претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу да го остави телефонот за да помине на секенер кога поминувала низ гранична контрола на Меѓународниот аеродром Скопје.
Кабинетот на претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, вечерва преку соопштение демантира каква било вмешаност на членови на неговото лично обезбедување во денешниот инцидент на скопскиот аеродром, за кој што, велат, пренесуваат одредени медиуми. бт/аа/
Фото: МИА Архива