• сабота, 23 ноември 2024

Спасовски: Продлабочување на соработката со земјите од регионот и со меѓународни организации во делот на миграција

Спасовски: Продлабочување на соработката со земјите од регионот и со меѓународни организации во делот на миграција

Скопје, 30 октомври 2023 (МИА) - Северна Македонија и МВР со својот проактивен и отворен пристап остануваат да бидат активен и кредибилен партнер во бројни меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси. Во делот на миграцијата, главен приоритет на МВР е одржување и продлабочување на меѓународната соработка со земјите од регионот, со земјите на транзит и со земјите на потекло, како и со агенциите на ЕУ, ОН и други релевантни меѓународни организации, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. 

Спасовски, како што информира МВР, се обрати на завршниот настан на заедничкиот проект на Обединетите нации на тема „Миграциски дискурс, политика и планирање базирано на докази“, поддржан од мулти-партнерскиот фонд за миграција на Обединетите нации, а имплементиран од Меѓународната организација за миграции – ИОМ, Високиот Комесаријат на Обединетите нации за бегалци – УНХЦР и Фондот за население на Обединетите нации, под супервизија на Канцеларијата на Постојаниот координатор на Обединетите нации во Северна Македонија.

Целта на заедничкиот проект, како што се наведува, е да ги поддржи националните институции во подобрување на управувањето со демографската миграциска динамика во земјата.

Според Спасовски, имплементацијата на активностите во рамки на овој проект придонесе кон искористување на низа алатки и механизми кои се развија преку собирање на податоци за миграцијата и обезбедување на клучни информации за креирање на соодветни политики и планирање.

- Сево ова имаше свој придонес во донесувањето одлуки за обезбедување навремени, сигурни, достапни и споредливи податоци за миграцијата и состојба на населението кое мигрира, со што се добива реална слика за состојбата со миграцијата  и планирање и помогна да се надмине недостатокот на податоци за креирање на политики врз основа на докази беше идентификуван како еден од главните предизвици во националните стратешки документи, рече Спасовски.

Тој истакна неколку од достигнувањата во рамки на проектот, како што е изработка на нова Резолуција на миграциска политика 2021-2025 година, која беше усвоена од Собранието во декември 2021, развој на Миграцискиот профил на Северна Македонија 2021 година и Индексот за управување со миграциите и изготвување на Предлог за измени и дополнувања на Правилникот за стандарди за прием на баратели на азил. Додаде дека во рамки на проектот се унапредиле техничките капацитети на институциите за прибирање и размена на податоци од областа на управувањето со миграциите, како и спроведување на обуки за градење на капацитетите на меѓуресорското тело за развој на миграциска политика.

Министерот Спасовски потенцираше дека заедничкиот проект кој се имплементираше во изминативе три години даде значаен придонес во процесот на исполнување на условите за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија и потребата од усогласување со релевантните стандарди на ЕУ, вклучително и регулативата на ЕУ 862/2007 за статистика на миграцијата на заедницата и меѓународна заштита. 

На завршниот настан на проектот се обратија и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија Росана Дуџак.

- Според најновите податоци во Миграцискиот профил на Северна Македонија 2021 година, вкупниот број на македонските државјани што престојуваат надвор од Северна Македонија е речиси 700.000 лица, што претставува повеќе од една третина од вкупното население во земјата. Од клучно значење е да се продолжи со зајакнување на соработката со дијаспората преку креирање на мрежи и нивно одржување, подобрување на достапните услуги и перспективи за соработка, трансфер на знаења и вештини, истакна министерката Тренчевска.

Таа нагласи дека активно учествуваат во изработката на најновата Резолуција за миграциска политика 2021-2025 година која е усвоена од Собранието во декември 2021 година, во обезбедувањето на релевантни информации и податоци за Миграцискиот профил на Северна Македонија 2021 година и Индексот на управување со миграцијата 2021 година. Додаде дека во 2021 година беа изработени и „Предлогот за измени и дополнувања на Правилникот за стандарди за прием на баратели на азил“ и „Прирачникот за начинот на спроведување на програмата за интеграција на лицата на кои им е одобрен азил“.

Постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија Росана Дуџак изрази задоволство од партнерство меѓу ОН, Владата, Народната банка, Заводот за статистика и граѓанското општество кое, како што рече, резултираше со нови и револуционерни пристапи и иновативни решенија во развојот на миграциската политика во земјата.

-Оваа заедничка програма даде значаен придонес за напредокот на Северна Македонија кон постигнување на целите за одржлив развој, истакна Дуџак. мд/ац/

Фото и видео: МВР 

Остани поврзан