• понеделник, 23 декември 2024

Спасовски: Кривичните пријави за патните исправи се политички мотивирани

Спасовски: Кривичните пријави за патните исправи се политички мотивирани

Скопје, 16 февруари 2024 (МИА) – Поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски не смета дека е лично одговорен за хаосот со издавањето лични документи, пред се патните исправи. Според него, како што рече вечерва во гостување на ТВ Телма, биле создадени сите предуслови граѓаните навреме да ги заменат документите. Кривичните пријави поднесени од ВМРО – ДПМНЕ и од партијата „„Движење за наша Македонија – ЗНАМ“ на Максим Димитриевски, Спасовски смета дека се политички мотивирани.

На новинарско прашање дали би дал оставка ако денес е министер за внатрешни работи затоа што 634 988 граѓани не можат да излезат од државава Спасовски нагласи дека никогаш не одговарал на хипотетички прашања, но дека додека бил министер редовно ја следел целата состојба.

Спасовски потенцира дека не сака да фрла вина на граѓаните, меѓутоа, како што рече, секој еден граѓанин имал можност од 1 јули 2021 година да започне со промената на личните документи. 

Прашан дали се чувствува одговорен за тоа што на 28 јануари 2024 година напуштајќи го МВР знаел дека нема да можат да ја исполнат една од најклучните обврски на РСМ сите патни документи да бидат сменети до 12 февруари 2024 година, екс министерот за внатрешни работи Спасовски одговорот го даде со појаснување на законските процедури.

За тоа дали се уште смета дека на ниту еден од  634 988 илјади граѓани кои останаа без патни документи не треба да им каже извинете, можеби згрешив, не соодветно планирав или на кој било начин да им се извини, Спасовски, во „Топ тема“ не се извини.

- Сите оние што поднеле барање да се заменат документите, тоа треба да го направат низ системот на МВР, одговори Спасовски на прашањето дали ќе се извини на кој било начин.

Во однос на кривичните пријави поднесени од ВМРО – ДПМНЕ и од партијата „„Движење за наша Македонија – ЗНАМ“ на Максим Димитриевски, истакна дека е тука да одговори на сите прашања што се поставуваат.  

- Тука сум да одговорам на сите прашања кои што се поставуваат. Има две кривични пријави од партии кои беа поднесени вчера во јавното Обвинителство. Тие кривични пријави ги сметам како политички мотивирани. Не се засновани на правото, ниту говорат нешто во однос на правото. Има институции во државата, има постапки низ кои ќе се отвори целиот процес, ќе се прибават сите документи, сите докази и врз основа на тоа ќе се носат, веројатно, и одлуките, изјави Спасовски.

Одговараше и за промената на регистарските таблички и за сообраќајните дозволи, во однос на налепниците НМК и тврди дека се што е предвидено со норми било информирано за граѓаните во медиумите. 

Спасовски осврнувајќи се на потпишувањето на Преспанскиот договор кажа дека државата од моментот кога е склучена спогодбата, односно ратификувана во нашето Собрание, ги започнала и ги обезбедила условите за промена на личните документи.

-Преспанскиот договор кој што е потпишан во 2018 година е ратификуван на 11 јануари во 2019 година. Стапува во сила еден месец од ратификацијата, значи на 12 февруари во 2019 година. Од тој момент започнуваат постапките кои што се однесуваат на целосна промена на личните документи. Уште истиот ден, на 12 февруари во 2019 година, МВР доставува информација до Владата во која што бара да се започнат сите тие постапки, рече меѓу другото Спасовски.

На прашањето дали после „дебаклот со издавањето на документите има кредибилитет да биде дел од понудата на СДСМ со коалицијата за претседателски кандидат“, Спасовски потенцира дека за понудата одлучуваат органите на партијата врз основа на анализите што ги има партијата. Инаку, како што рече, имам силен кредибилитет. Како ќе се одвиваат постапките и кои одлуки ќе донесе партијата и дали тие одлуки ќе се базираат на поединечна желба, амбиции итн..., потенцира, не е важно. 

- Поединецот во целата оваа приказна е беззначаен, важно  е тоа што треба да го направиме сите заедно за джравата, а тоа најдобрите кандидати и најдобрата понуда, рече Спасовски. цр/лв/

Фото: принтскрин

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан