• понеделник, 23 декември 2024

Спасовски: Измената на Кривичниот законик овозможува брзи и ефикасни постапки со проширена конфискација на нелегално стекнатиот имот

Спасовски: Измената на Кривичниот законик овозможува брзи и ефикасни постапки со проширена конфискација на нелегално стекнатиот имот

Скопје, 15 септември 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека мора да се направат низа мерки и активности, вклучувајќи и промена на законската регулатива, коишто ќе придонесат за поефикасна борба во однос на корупцијата и криминалот во општеството, во таа насока ги гледа измените на Кривичниот законик.

- Кога зборувам ефикасност, тоа значи да имаме ефикасни, брзи постапки во кои тие коишто ги злоупотребиле своите позиции и влегувале во висока корупција, да можат на многу брз и ефикасен начин да бидат процесуирани и сето она што го имаат стекнато да биде конфискувано и да биде вратено назад. Така што, измената на Кривичниот законик јас ја гледам не како проблем, туку како една можност. Сакам да напоменам дека воопшто не станува збор за Закон со којшто ќе има амнестија, таму не може да има амнестија за никого. Таа е во директна согласност со директивата на Европската унија, во која се предвидува проширена конфискација, вели Спасовски.

Тој потсети дека судските постапки траат многу долго, со години и се случува да завршат без да биде конфискуван имот.

- Ако погледнете историски, ќе видите дека од 90-тата година, па некаде до 2017 година ние сме имале само три конфискации на нелегално стекнат имот. Тоа што ни траат судските постапки многу долго, тоа што сите функционери биле поведувани под еден член „злоупотреба на службената положба и овластување“, без притоа да се конкретизираат кривичните дела кои се направени, претставува проблем и во правниот систем. И тоа никаде го нема во земјите членки на Европската унија. Таму има низа на кривични дела под коишто можат да бидат подведени сторените кривични дела од функционери и на тој начин да носат одговорност, објасни Спасовски, додавајќи дека така ќе се избегнат ситуации во кои по десетици носители на функции ќе бидат подведени под истиот член и притоа ќе се докажуваат за тоа дали е злоупотребена функцијата или не е злоупотребена, дали се преземени доволно мерки, имало ли доволно докази, а притоа постои друго кривично дело за кое се исполнети елементите, остварено битието на тоа кривично дело.

Министерот Спасовски е дециден дека измените на Кривичниот законик прво не го укинуваат кривичното дело „злоупотреба на службената положба“, туку се укинува став од него и обвинителот има можности да направи преквалификација на делото на основа на доказите кои ги има.

- Значи не станува збор дека не може да се одговара, дека некој овозможува преку измена на овој закон да не се носи одговорност. Станува збор за тоа дека мора истражните органи, предистражните органи да бидат инвентивни и да ги користат кривичните дела коишто се огромен број во Кривичниот законик и на основа на тоа да се носи одговорност. Како што реков, тоа е сериозен проблем. Имате постапки кои се отворени 2015, 2016, 2017 година и до денеска нема конечна пресуда. Тоа е клучниот проблем во македонското општество, граѓаните сакаат да видат предвидливост и следливост на постапките, од моментот на отворањето на постапката да ја видат крајната состојба, да се издржи казната затвор и да се конфискува имотот кој е нелегално стекнат, доколку го има, рече Спасовски, додавајќи дека измените на Законот не создаваат можност со која некој ќе биде ослободен од обвинение.

Прашан дали има договор меѓу власта и опозицијата со измените на кривичниот законик да се спаси поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и други функционери од опозициската партија, а за возврат да се обезбедат гласови за донесување на уставните измени, министерот Спасовски потсети дека Груевски има низа на предмети коишто се водат за кои застареност може да се очекува 2036 година, а има предмети за коишто не е водена постапка токму поради тоа што не бил достапен.

- Еве за организацијата на настаните од 27 април, застареноста чинам е дури по 40 години. Тоа покажува дека нема никаква основа за ослободување од кривична одговорност на никого, ниту на него. На кој начин ќе се анулираат тие постапки кои се водат овде во институциите?! Тоа е можно само со амнестија, а таква работа немаме денеска. Така што сите овие и актуелни и поранешни функционери апсолутно не се изземени со измените во овој закон, подвлече Спасовски. ир/ац/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан