• вторник, 24 декември 2024

Со 8,7 милиони евра се обновува локалниот пат Јосифово – Калково

Со 8,7 милиони евра се обновува локалниот пат Јосифово – Калково
Скопје, 1 септември 2022 (МИА) - Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска ја посети  општина Валандово каде со градоначалникот Перо Костадинов разговараа за проектите кои се реализираат со поддршка од централната власт, а го означија и почетокот на градежните активности за рехабилитација на локалниот пат Јосифово – Калково. -Министерството за транспорт и врски дава силна поддршка на општините. Во општина Валандово вложуваме скоро 700 илјади евра преку Проектот за рехабилитација на локални улици и патишта. Денеска започнуваме со рехабилитацијата на локалниот пат кој ги поврзува населените места Јосифово и Калково, чија инвестиција изнесува 8,7 милиони денари и со што решаваме големо прашање за локалното население, изјави министерот Бочварски. Тој најави нов проект во општина Валандово со поддршка од централната власт. -Оваа есен очекувам да започнеме со реализација на проектот за изградба на примарна водоводна мрежа во населеното место Калково. Документацијата е подготвена, наскоро ќе биде распишан јавниот повик за избор на фирма изведувач. Со општина Валандово и градоначалникот Костадинов имаме одлична соработка и продолжуваме така и понатаму со цел обезбедување подобри услови за живот на граѓаните и развој на локалната економија, истакна Бочварски. Градоначалникот на општина Валандово, Перо Костадинов се заблагодари на досегашната поддршка од централната власт и најави реализација на нови проекти во наредниот период. -Особено ми е драго што денеска заедно со министерот Бочварски сме во Јосифово, каде со поддршка од Министерството за транспорт и врски започнува рехабилитацијата на локалниот пат кон н.м. Калково. Реализацијата на квалитетни проекти кои носат бенефит за нашите граѓани се наш приоритет. Би сакал од мое име и од името на жителите на општина Валандово да се заблагодарам за досегашната поддршка од централната власт и уверувам дека добрата комуникација и соработка ќе продолжи и во иднина, со цел подобрување на квалитетот на живот и поттикување на забрзан развој на општина Валандово, изјави градоначалникот Костадинов, пренесува Министерството за транспорт и  врски.лв/са/

Остани поврзан