• сабота, 23 ноември 2024

Со традиционалниот празник Санта Луција одбележани 30 години од дипломатските односи помеѓу Северна Македонија и нордиските земји

Со традиционалниот празник Санта Луција одбележани 30 години од дипломатските односи помеѓу Северна Македонија и нордиските земји

Скопје, 13 декември 2023 (МИА) – Со заедничкото прославување на традиционалниот шведски празник на светлината Света Луција, амбасадите на Шведска, Данска, Финска и Норвешка вечерва во Скопје ја одбележаа 30 годишнината од дипломатските односи помеѓу Северна Македонија и нордиските земји. По тој повод, амбасадорите Еми Ларсон, Сузан Шајн, Никлас Линдквист и Кристин Мелсом порачаа дека земјите изградиле блиски релации и дека одбележуваме вистинско пријателство, како и дека ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија на патот кон Европската Унија, изразувајќи особен восхит на претседателствувањето на земјата со ОБСЕ.

Претседателот Стево Пендаровски, на настанот што се одржа во Националната опера и балет, истакна дека нема подобар начин да се одбележи овој голем јубилеј од заедничкото прославување на Света Луција.

- Изминативе 30 години секоја од вашите држави засебно но и нордиските регион како целина служеа како позитивен пример не само за нас, туку и за југоисточна Европа. Наспроти хроничните балкански расправии и блокади вие во континуитет ја нудите нордиската парадигма на интеграција и кооперација. Вашата поддршка за нашите ЕУ аспирации не е само декларативна, туку и практична, бидејќи инвестирате директно во владеењето на правото и социјалната еднаквост, рече тој.

Пендаровски дополни дека го славиме овој празник на светлината во, како што рече, „екстремно темни времиња“.

- Корупцијата, социјалната нееднаквост и блокадата на евроинтеграциите се дел од нашите македонски предизвици. И покрај предизвиците, Северна Македонија мора да продолжи со реформскиот процес и креирањето на функционална правна држава. Верувам дека и во иднина ќе ја имаме поддршката од вас бидејќи има уште неискористен потенцијал за соработка помеѓу нашите земји и верувам дека односите на пријателство ќе продолжиме да ги развиваме кон просперитетна Европа, истакна претседателот.

Шведската амбасадорка во земјава, Еми Ларсон, истакна дека се надева дека Северна Македонија ќе ја искористи можноста да се придвижи напред на патот кон ЕУ. Таа истакна дека биле импресионирани од организацијата на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје.

- Бевме импресионирани од логистиката, беше безгрешна, ова ни покажа на што е способна оваа земја, сега, сето тоа треба да се аплицира и на домашните реформи и владеењето на правото, посочи таа.

Данска амбасадорка Сузан Шајн, сподели дека дипломатски односи помеѓу Северна Македонија и нордиските земји изградиле блиски релации во последните 30 години.

- Се радуваме на тоа што Данска ќе го има ЕУ претседателството во 2025 и ќе ни биде драго да ја видиме Македонија како оди напред на патот кон ЕУ, а ние ќе помогнеме во тоа. 

Финскиот амбасадор Никлас Линдквист ги оцени билатералните односи како одлични.

- Билатералните односи помеѓу Македонија и Финска се проширија, отворивме ново ниво изминатава година со посета на нашиот премиер и посетата на министерот Бујар Османи во Хелсинки. Мислам дека сето ова ја покажува позитивната страна на која одат нашите релации, посочи тој.

Дополнувајќи дека Северна Македонија и нордиските земји споделуваат многу заеднички интереси и вредности во меѓународните односи и истакна дека треба да се продлабочи соработката околу климатските предизвици и циркуларната економија. 

Кристин Мелсом, амбасадорката на Норвешка истакна дека вечерва, како што рече „одбележуваме вистинско пријателство помеѓу Македонија и нордиските земји“.

- Нашата соработка цвета во многу полиња. Особено сум горда што ја поддржавме Македонија за време на претседателството со ОБСЕ. Вашето менаџирање нѐ импресионираше. Норвешка ќе продолжи да стои до Македонија на патот кон ЕУ, посочи таа.

Традиционалниот шведски празник Света Луција во Шведска се одбележува во знакот на светлината во темните и долги зимски ноќи. Амбасадата на Шведска во нашата земја, поддржана од Амбасадите на Данска, Финска и Норвешка, вечерва во Националната опера и балет во Скопје со концерт на празнични песни го прослави овој празник, а воедно и го одбележа јубилејот од 30 години дипломатски односи на нордиските земји со Северна Македонија. ар/аа/
Фото:МИА

Остани поврзан