• понеделник, 23 декември 2024

Со Регионална конференција Агенцијата за поддршка на претприемништвото го одбележува 20 - годишниот јубилеј

Со Регионална конференција Агенцијата за поддршка на претприемништвото го одбележува 20 - годишниот јубилеј

Скопје, 20 ноември 2023 (МИА) - На иницијатива на Агенцијата за поддршка на претприемништвото во Република Северна Македонија, денеска започнува првата Регионална конференција на тема „Соработка за зајакнување на претприемништвото и растот на малите и средните претпријатија“ во Скопје.

Како што соопштија од АПП, во текот на следните два дена, на конференцијата ќе учествуваат високи владини претставници и влијателни личности кои имаат клучна улога во обликувањето на политиките и стратегиите за економски развој во регионот од Хрватска, Турција, Словенија, Босна и Херцеговина, како и од соседните земји Албанија, Србија и Косово.

Имер Имери, вршител на должноста директор на Агенцијата за поддршка на претприемништвото рече дека е горд што АПП ја презема иницијативата за организирање на овој  настан во годината кога се одбележува 20-годишниот јубилеј на Агенцијата која во  соработка со Министерството за економија и сродните институции, игра клучна улога во поддршката на идните претприемачи, стартапите и постоечките МСП преку различни програми, вклучувајќи претприемачко образование, иницијативи за самовработување, стандардизирани менторски услуги и системи за ваучери.

-Горд сум што Конференцијата се одржува во година кога Агенцијата слави 20 успешни години од своето основање. Со овие услуги претпријатијата добиваат стручна помош и поддршка од различни области, придонесувајќи за нивниот непречен развој и одржливост, изјави Имери.

Тој објасни дека конференцијата е доказ за колективната посветеност на нациите во поттикнувањето на регионалната соработка за поддршка на растот на малите и средни претпријатија и со оглед на фактот дека токму секторот на МСП како во ЕУ така и во земјите на Западен Балкан и Турција претставува стожер на економијата и ги придвижува иновациите овој заеднички напор има за цел да ја зајакне конкурентноста на целиот регион и да влијае на стабилноста.

-На конференцијата ќе има дискусии за размена на најдобрите практики кои се покажаа клучни во за МСП за време на турбулентни времиња, вклучително и пандемијата COVID-19 и тековните светски енергетски и економски кризи. Агендата вклучува и сесии за дигитализација, одржливи практики и важноста на деловната поддршка за потенцијалните претприемачи, стартапи и мали и средни претпријатија во региони надвор од големите урбани центри, вели Маја Тасева, раководител на секторот за меѓународна соработка во АППРСМ.

Таа посочи дека конференцијата има за цел да испрати храбра порака до засегнатите страни и до Европската Унија, нагласувајќи ја посветеноста на регионот за соочување со заеднички предизвици и оптимизирање на средствата за зголемена конкурентност и раст преку иницијативи кои промовираат трансфер на знаење и најдобри практики. љм/са/

Фото: АПП

 

Остани поврзан