• понеделник, 17 март 2025

Со разумно готвење може да се заштеди струја

Со разумно готвење може да се заштеди струја

Скопје, 17 март 2025 (МИА) - Според нови податоци, едно домаќинство со три лица користи околу 11 отсто од вкупната енергија потрошена во домаќинството за готвење и подготовка на храна. Следниве трикови може да помогнат да се заштеди енергија доколку постојано ги следите. На овој начин ќе придонесете и за заштита на животната средина, и за „состојбата“ во паричникот.

Имено, тоа може да се направи со мали промени коишто не бараат жртви во прилагодувањето на стилот и животните навики, ниту ќе одземат од Вашето време. Напротив, овие постапки ќе помогнат во заштедата на време, пишува порталот „Кликс“ (Klix).

Користете го капакот во готвењето

Варењето храна во тенџере со капак е трипати поделотворно отколку непокриено. Така, кога се готват тестенини, компири или зеленчук - покријте го садот. Така водата побрзо ќе зоврие, бидејќи топлината не бега од тенџерето, а храната ќе се свари за помалку време.

Ускладете ја големината на тенџерето со онаа на ринглата

Ако користите само мала тава, ставете ја на соодветно мала рингла на шпоретот. Користењето преголем пламеник ќе овозможи топлината да излезе во просторијата, а на храната само ќе ѝ треба подолго време за да се зготви. Ќе заштедиме и пари, енергија и вода, и ако во тавата или тенџерето ставиме само онолку вода колку што ни е потребно, па со тоа го забрзуваме и процесот на загревање.

Отворете ги рерната и фрижидерот само кога тоа е потребно

Вратата од рерната и фрижидерот се отвораат само кога тоа е апсолутно неопходно. Кога ќе ја отворите вратата од фрижидерот, го испуштате ладниот воздух и внатре се загрева, што значи дека на тој уред за домаќинство му треба повеќе енергија за да ја врати претходната состојба.  Истото важи и за рерната ако ја отворите вратата за време на готвењето - се ослободува топлината, па за враќање троши дополнителна енергија.

Совет: Кога ќе го отворите фрижидерот, обидете се да извадите сè што ви треба од него што е можно побрзо.

Планирајте го печењето во рерната однапред

Тука советот гласи: Искористете ја рерната со печење поголеми количини одеднаш, за да нема повторно загревање на истата.

Шпоретот може и да се исклучи пред да истече одреденото време за готвење, бидејќи топлината и во исклучена и затворена рерна ќе продолжи да ја загрева храната некое време.

Изберете го вистинскиот уред и сад

Најоптималниот начин на готвење е секогаш вистинскиот избор. Во зависност од јадењето и количината што се подготвува, се избира најмалиот можен апарат. За потпекување една или две кришки леб, рерната е сосема неекономичен „тостер“. За помала количина компири, тавата за пржење ќе биде поштедливна од загревањето цела рерна. Така ќе се заштеди енергија, а оброкот нема да биде ништо помалку вкусен поради тоа.  си/ссм/

 

Остани поврзан