• среда, 25 декември 2024

Со претставата „Како крајот и да не е сосема блиску“ почнува 46. издание на Младиот отворен театар

Со претставата „Како крајот и да не е сосема блиску“ почнува 46. издание на Младиот отворен театар
Скопје, 18 ноември 2021 (МИА) - Со претставата „Како крајот и да не е сосема блиску“ вечерва почнува 46-тото издание на Младиот отворен театар (МОТ). Станува збор за екпериментална претстава на Битеф театарот инспирирана од суптилните поместувања на светот, односите и човечката интеракција во дигиталната реалност, а ќе се прикажува во просториите на МНТ. Како што најавија од тимот на МКЦ, фестивалот ќе се одржи во два блока, од 18 до 26 ноември и од 2 до 7 декември, со изведби во живо, односно со целосно физичко издание, и со програма од 26 внимателно селектирани претстави. - Ова издание на МОТ е особен предизвик, бидејќи се обидуваме да го зачуваме духот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивал во регионот, во овие несигурни времиња, кога многу фестивали се принудени да ги откажуваат своите активности, а самите театри се борат да ги одржуваат своите редовни репертоари, изјави Русе Арсов во име на тимот на МКЦ. Како што посочи Арсов, првиот блок на фестивалот е посветен на меѓународна програма во која ќе гостуваат претстави од Австрија, Словенија, Бугарија, Турција, Србија и Хрватска, а вториот на домашната независна продукција. „Како крајот и да не е сосема блиску“ е претстава во која нема актери, а публиката може да биде изведувач, гледач и да го бира аголот на гледање. - Куриозитет на ова издание е што ќе имаме можност да одгледаме три изведби на расказите на Румена Бужаровска „Мојот маж“, кој одамна ги надмина границите на нашата земја, а речиси истовремено во сред пандемија се поставувше на три сцени: Југословенско драмско позориште во Белград, Словенско народно гледалишче во Љубљана и во Драмскиот театар во Скопје, најавија од тимот на МКЦ. Трите режисерки, Јована Томиќ, Ивана Ѓилас и Нела Витошевиќ за првпат ќе имаат можност да се сретнат на панел-дискусија во рамки на МОТ. - Отстапивме простор за три продукции курирани од нашите долгогодишни соработници Локомотива - Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, а ќе ги погледнеме и Скопје танцовиот театар со „Искричаво“, Турскиот театар „Вишновата градина“ и копродукциите на Македонскиот народен театар со претставите на Ѓорѓи Јолевски „Последната лента на Крап“ и македонската премиера на „Нема да биде крај на светот“ - копродукциски проект со САРТР од Сараево, БиХ, во режија на Нина Николиќ, посочија од МКЦ. МОТ исто така ќе биде домаќин и на австриската продукција „Theater am Lend“ со претставата „Кабли“, во која учествуваат и двајца македонски автори – Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски, а при крај на првиот блок се гледаме со Словенско младинско гледалишче (СЛО) и нивната „Уметноста е ормар“ во режија на Иван Петернељ. Вториот дел од МОТ почнува на 2 декември и во него, како што потенцираат од МКЦ, ќе се види одразот на независната домашна продукција, која во периодот на пандемија се покажа како исклучително активна и токму затоа го заслужува вниманието и овој МОТовски репертоар. Ќе бидат прикажани претставите на Лука Кортина „Дневна доза мазохизам“, Сибел Абдиу „Модиљани“, Ангела Стојановска со „Срам“, Борис Василески „Вистинскиот запад“, Нела Витошевиќ „Работи за кои не зборуваме“, Јован Ристовски „Три“, Ана Батева „Шапка, анус, чоколадо и уште нешто“, Пандорината кутија: Наследството на ќерката на Ришард Ниечим, „Мајсторот за спомени“ на Јане Спасиќ, „ПодГотвено“ на Дејан Спасовиќ, „Имагинарен, ти“ на Блерим Дардишта и „Јовано, Јованке“ на Јована Зајкова и Бобан Русески. Четириесет и шестиот Млад отворен театар ќе се случува на шест сцени, Младински културен центар, Драмски театар, Театар Комедија, МНТ и Дом на АРМ. Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и Град Скопје. бт/сп/

Остани поврзан