Со портрет на Влада Урошевиќ отворена 15. Македонска книжевна визита во Софија
- Со книжевен портрет на современиот македонски поет, прозаист, есеист, преведувач, универзитетски професор, академик Влада Урошевиќ, синоќа во салонот на македонскиот Културно информативен центар (КИЦ) во Софија, почна годинашната „Македонска книжевна визита во Софија“
Софија, 7 јуни 2024 (МИА) - Со книжевен портрет на современиот македонски поет, прозаист, есеист, преведувач, универзитетски професор, академик Влада Урошевиќ, синоќа во салонот на македонскиот Културно информативен центар (КИЦ) во Софија, почна 15. „Македонска книжевна визита во Софија“ чија цел е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија и продлабочување на македонско-бугарските книжевни и културни врски.
За поетското творештво на академикот Урошевиќ говореше универзитетската професорка Лидија Капушевска Дракулевска, истакнувајќи го неговиот значаен придонес во развојот на македонската современа литература.
- Живееме во свет што претставува своевидна симфонија на страв и ужас и иако Урошевиќ нема илузии дека поезијата има моќ да ја спречи дехуманизацијата на денешниот свет и актуелните турбуленции од планетарни размери (војни, бегалски кризи, еколошки катастрофи, монструозни експерименти во биотехнолошките и компјутерски лаборатории и сл.), тој верува во „скриената сила“ на поезијата и во пророчката улога на поетот, како во песната „Озборувања“, во која читаме: „Тој води кртови на прошетка низ рудници, / тој е плашило вљубено во молњата. / Тој има в џеб пеколна машина / темпирана за по три века; тој е поет, рече Капушевка Дракулевска.
Издавачката куќа „Макавеј“ соопшти дека на првиот настан од манифестацијата се презентирани стихови од Урошевиќ на македонски и на бугарски јазик. Благодарствена беседа имал и Урошевиќ кој ја истакнал незаменливата улога на Македонската книжевна визита како мост на зближување на македонските и бугарските писатели и настан кој на единствен начин ја популаризира македонската книжевност во Бугарија.
Доделена е и наградата „Македонски книжевен Дедал“.
- Ова признание годинава посмртно му беше доделено на познатиот бугарски писател Алек Попов, кој со своето книжевно дело изгради своевидна вертикала на современата бугарска литература и со неговите книжевни врски и соработка со македонската книжевност и култура остави траен белег во пријателството на двете култури и народи. Беседа за делото на Алек Попов одржа писателот и преведувач Душко Крстевски, кој од богатата книжевна актива посебно ја нагласи соработката на починатиот Попов со македонската литературна, телевизиска и медиумска средина, се наведува во соопштението.
Писателите учесници на 15-тата Македонска книжевна визита во Софија денеска заедно со многубројната публика ќе го проследат документарниот филм посветен на деценија и пол долгата мисија на оваа книжевна манифестација. Филмот е во продукција на Книгоиздателствто Макавеј, а манифестацијата ќе биде затворена со големиот вечерен поетски митинг на кој ќе учествуваат македонските и бугарските поети - Влада Урошевиќ, Маја Панајотова, Бранко Цветкоски, Димитар Христов, Јулијана Величковска, Николај Шопов, Димитар Башевски, Поли Муканова, Лора Динкова, Душко Крстевски, Иван Христов, Иван Антоновски, Тања Попова, Тихомир Јанчовски, Петар Андасаров, Марија Велинова и Атанас Капралов.
Учесниците на манифестацијата оваа година ќе го посетат спомен-домот на легендарната бугарска поетеса Дора Габе.лв/бак/
фото: Издавачка куќа „Макавеј“