Со повеќе проекти Општина Македонска Каменица аплицираше на вториот Јавен повик на Министерството за локална самоуправа
- Општина Македонска Каменица аплицираше со повеќе значајни проекти на вториот Јавен повик за финансирање на инфраструктурни проекти, објавен од Министерството за локална самоуправа.

Македонска Каменица, 18 февруари 2025 (МИА) - Општина Македонска Каменица аплицираше со повеќе значајни проекти на вториот Јавен повик за финансирање на инфраструктурни проекти, објавен од Министерството за локална самоуправа.
Аплицираните проекти како што информираше денес градоначалникот Димчо Атанасовски вклучуваат подобрување на локалната патна инфраструктура и олеснување на секојдневниот живот на жителите првенствено во руралните средини од општината.
-Со оваа финансиска поддршка ќе бидат изградени: Спој на село Косевица со село Моштица и крак до Горанска маала (2220 метри), Спој на село Цера и село Саса (1987 метри), Локален пат до маало Гребење во село Цера (1347 метри), Локален пат до Ефендиско маало во село Луковица (463 метри), Локален пат до Паровско маало во село Косевица (1222 метри), информираше Атанасовски.
Претходно, преку првиот Јавен повик, како што додаде обезбедени се средства за изградба на улиците Ковачевска и Питу Гули, проекти кои веќе се спроведуваат и нивната реализација е во напредна фаза.
-Во оваа прилика, однапред сакам да изразам голема благодарност до премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа, Златко Перински за силното залагање и поддршката во реализацијата на овие важни проекти за Општина Македонска Каменица, додаде Атанасовски.
Изрази уверување дека како градоначалник останува посветен на подобрување на инфраструктурата и посветен во работењето за создавање на подобри услови за живот на сите граѓани од Македонска Каменица. вс/
Фото: Општина Македонска Каменица