• среда, 25 декември 2024

Со отворањето на Стационарот за бездомни кучиња во Струмица се намалува бројот на затруени и кучиња скитници

Со отворањето на Стационарот за бездомни кучиња во Струмица се намалува бројот на затруени и кучиња скитници

Струмица, 22 февруари 2023 (МИА) - Со отворањето на Стационарот за бездомни кучиња во Струмица се намалува бројот на затруени и кучиња скитници на територијата на Општината.

Овој заклучок е донесен на денешната седница на Локалниот совет за превенција на која учествуваа претставници на општинската администрација, општинските јавни претпријатија, СВР Струмица, Шумската полиција, невладини организации и претставници на други нституции и тела.

-Според информациите од Стационарот „Лана“ таму се згрижени 70 кучиња под третман и заклучок е дека досегашното труење на кучињата во моментот е значително намалено, со тендеција да биде целосно решено, изјави Ѓорги Аризанов, секретар на Советот.

Покрај овој проблем, членовите на Советот за превенција дискутираа и за бесправната сеча, пустошењето на шумите и трговија на дрвја на подрачјето на Општина Струмица.

-Заклучивме дека овој проблем не може да се реши од денес за утре, но мора да работиме на значително намалување на бесправната сеча и уништувањето на шумите, додаде Аризанов.

На седницата повторно се разгледуваше проблемот со уличните менувачи на девизи и заклучено е надлежните инспекциски служби да преземат дополнителни и поригорозни мерки за да нема нелегално менување девизи на улица, туку тоа да се врши во банка или менувачница.

За прв пат на денешната седница на Локалниот совет за превенција учествуваа и претставници на Центарот за европски стратегии „Евротинк“ од Скопје со кој на почетокот од оваа година беше потпишан Меморандум за соработка. Тој ќе учествува во креирањето и спроведувањето на идните планови на Локалниот совет за превенција преку истражувањата кои што ќе ги вршат меѓу граѓаните за проблемите со кои се соочуваат. рт/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан